СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Македонија

За Судот НЕМАЛО ДОВОЛНО ДОКАЗИ ЗА ДА ОПРЕДЕЛАТ ПРИТВОР за Незири и останатите

Кривичниот суд по реакциите се огласи за одлуката за осомничените за упадот и нападот во М-НАВ да им определи мерки на претпазливост, откога Обвинителството побара притвори.

Од тука велат дека Обвинителството не им доставило доволно докази за делото кое на осомничените им се става на товар, а истовремено судот посочува дека во истрагата се опфатени 8 лица, а само 4 во моментот биле присутни.

Тие велат дека свесни за јавниот интерес за случувањата во М-НАВ, како и реакциите кои произлегле од неправосилните одлуки на судот, јавноста мора да знае дека судот постапува пред се врз основа на приложена документација односно докази доставени до ОЈО и МВР, и врз основа на слободно судиско убедување.

„Во оваа смисла сметаме дека јавноста мора да се запознае со релевантните податоци за настанот внимавајќи притоа и на тајноста на истрагата, а со единствена цел да се отфрлат сите непроверени шпекулации кои се пласираат, а со кои се влијае врз судско обвинителската постапка.

Имено, неспорно е дека настан од кривично правен аспект постоел, па затоа со цел да се овозможи непречено водење на кривичната постапка односно истрага од страна на надлежен обвинител, судот смета дека е неопходно да се обезбеди присуство на осомничените лица. Но, потребно е да се знае дека во наредбата за истрага за конкретниот настан опфатени се 8 лица, а до овој момент доставен е предлог за определување мерки за обезбедување присуство, како и докази за нивна инволвираност, само за четворица.

Во врска кривично правниот настан, истакнуваме дека, законското битие на кривичното дело од член 303 став 2 од КЗ, кое им се става на товар е дека:
„Тој што ќе изврши дело со кое ја загрозува или може да ја загрози безбедноста на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај, со користење на уред, материја или оружје, незаконски и со намера да изврши дело на насилство против лице на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај со која предизвикува или може да предизвика тешка повреда или смрт, или да уништи или оштети уреди, објекти или воздухоплов, кој не е во сообраќај, а е лоциран на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај“,

Во конкретниот случај, според дадениот опис на преземените дејствија од страна на осомничените, а во склоп и на доставените докази во прилог на предлогот, во овој момент не прозилегува дека осомничените во целост ги исполниле условите предвидени во кривичното дело, односно дека со нивните дејствија можеле да предизвикаат тешка повреда, смрт, или уништување или оштетување на уреди, објекти или воздухоплов, кој не е во сообраќај, а е лоциран на аеродром за меѓународен воздушен сообраќа.

Имено од страна на ОЈО Скопје не се доставени докази – медицинска документација за наводно предизвиканите повреди, нема записник за примање на кривична пријава од оштетениот. Истиот не е сослушан пред ОЈО Скопје, ниту пак се доставени докази дали навистина е настаната тешка повреда и од каков вид е истата. Понатаму не е наведен начинот како преземените дејствија предизвикале или можеле да предизвикаат уништување или оштетување уреди, објекти или воздухоплов, кој не е во сообраќај, а е лоциран на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај. Воедно мора да се има предвид дека според вонредниот инспекциски надзор на Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ), утврдено е дека не постои никакво нарушување или загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај, а исто така не постои никаков пријавен настан или сериозен инцидент во врска со одвивањето на безбедноста на воздушниот сообраќај, како што и изјави директорот на Агенцијата – Томислав Тунтев.

Односно самиот предлог на Јавниот обвинител воопшто не води во правец на посоченото кривично дело.

Меѓутоа, според доставените докази произлегува дека во конкретниот случај осомничените презеле одредени дејствија кои дополнително треба да се истражуваат, но не во контектст на наведеното кривично дело за кои според ОЈО постои основано сомненевање. Па заради тоа, се со цел да се доразјаснат и утврдат сите правно релевантни факти во конкретниот настан кој се случил на 04.01.2024 година, судијата на претходна постапка определи мерки на обебзедување присуство од поблаг вид.

Воедно потребно е да се напомене дека, по добиената жалба од ОЈО Скопје за изречените мерки, дополнително ќе одлучува Кривичниот совет, кој може да ја потврди или преиначи одлуката“, велат од таму.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content