СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Земјоделие

Нови корегирани цени за 11-те видови овошје и зеленчук

Од денеска по нови повисоки корегирани цени ќе се продаваат 11-те видови на овошје и зеленчук за кои Владата неодамна донесе одлука за замрзнување на цените.

Владата вчера на седница донесе одлука со која килограм домати и краставици ќе чини максимум 95 денари, килограм пипер до 100 денари, килограм грав 95. Кромидот поскапува за десет денари по килограм и ќе биде 70 денари, а само леќата ќе чини над 100, односно ќе се продава по 110 денари за килограм. Килограм банани ќе чини до 75 денари, килограм портокали до 60, килограм мандарини до 65 и килограм лимони до 60 денари.

Причината поради која е предложена ваквата измена на одлуката е поради тоа што увозната цена на одредени видови овошје и зеленчук е зголемена.

– Министерството за економија, како предлагач на Одлуката, соопшти дека врз основа на спроведените консултации со најголемите увозници на овошје и на зеленчук во Република Северна Македонија, како и имајќи ги во предвид најновите податоци од Царинската управа, е утврдено дека увозната цена на одредени видови овошје и зеленчук е зголемена, поради претстојните празници, соопшти вчера владината прес-служба.

Министерот за економија Крешник Бектеши најавува дека контролите ќе продолжат и дека ситуацијата секојдневно ќе се следи.

-Граѓаните да бидат спокојни, контролите ќе продолжат, ситуацијата секојдневно ќе се следи и ако е потребно, повторно ќе се интервенира, доколку забележиме намалени увозни цени, изјави Бектеши по вчерашната седница на Владата.

Тој очекува дека ќе се почитува Одлуката затоа што, како што напомена, последната недела се забележани зголемени увозни цени за над 30 отсто на одредени производи – домати, краставици, кромид и грав.

-Овие фактури што веќе се доставуваат во Царинската управа, се пологични од претходните, но ова не значи дека тука завршуваат контролите и инспекциите, подвлече Бектеши.

Истакна дека од денеска на рафтовите во маркетите ќе има доволно од производите кои се продаваат по замрзнати цени во спротивно, како што кажа, ќе следат санкции. Санкции ќе има и за увозниците кои доставувале лажни пониски фактури до Царинската управа за увоз на овошје и зеленчук.

Ограничувањето на највисоките цени на овошјето и на зеленчукот во трговијата на мало останува да важи до крајот на месецов.

За лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, замрзнувањето на цените како мерка за борба против инфлацијата е антитеорија, антипракса и антиекономска.

-Мислеа дека ако дневно прават прес-конференции со замрзнување на цените ќе се борат против инфлацијата, но тоа не оди така. Денеска ги замрзнуваат цените, а утре ги одмрзнуваат и се додека продолжуваат со ваква политичка гимнастика ќе им се удира од глава. Потрошувачката кошничка за едно четиричлено семејство е повеќе од 43.000 денари, а имајќи ја во предвид и инфлацијата се доаѓа до бројка од  над 50.000 денари што е многу повеќе од две просечни плати, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање при вчерашната посета на Зрновци.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content