СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Локално

Градинката во Прилеп се очекува да биде готова до крајот на летото

Градинката во прилепската населба Точила со голем капацитет која ќе овозможи згрижување на 252 деца треба да биде готова за неколку месеци, најави министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска.

Доцнењето на изградбата е поради отстранување на пропустите и изградба на оградниот ѕид на градинката, смета прилепскиот градоначалник Борче Јовчески. Тренчевска и Јовчески денеска направија увид во завршните работи на градинката.

Министерството за труд и социјална политика ја заврши својата обврска со опремувањето на градинката, а остануваат процесите на согласности и оглас за ангажирање воспитувачи и негуватели како и целосен персонал. Според Тренчевска, се очекува сите работи да завршат до крајот на летото за да може градинката да биде ставена во функција.

– Со испораката на опремата, Министерството за труд и социјална политика ја исполни обврската во предвидениот рок. Опремата е стигната и по задолжувањата што се дадени од архитектите и на тимот од детска заштита при Министерството до општина Прилеп, верувам дека до крајот на летото ќе може да ја отвориме градинката, да се коригираат сите оние недостатоци кои се забележани. Опремата е донесена, кујната е подготвена, така што, и со оградата која е неопходна и е согласно со стандардите, верувам дека ќе може да ја отвориме градинката до крајот на август. Во меѓувреме до Министерството ќе мора да се достави нова систематизација со потребниот персонал, да се усвои и да се добијат потребните согласности за да се ангажираат воспитувачи, негуватели и цел неопходен персона. Верувам дека во предвидениот рок ќе се добијат одобрувањата на министерствата. Со тоа ќе се овозможи да се примат 252 дечиња и да се отстранат грижите кај родителите. Министерството е посветено на грижата на децата, изјави Тренчевска.

Прилепскиот градоначалник Борче Јовчески уверува дека ќе се отстранат недостатоците укажани од архитектот и ќе се изгради ѕидот околу градинката. Градот има проект за нова градинка која смета дека догодина ќе се најде како предлог во Министерството. Јовчески вели дека одложувањето на градинката да биде во функција што доцни година и половина, е поради отстранувањето на недостатоците.

– Оваа градинка е од големо значење за Прилеп и е со голем капацитет. Ние изработуваме проекти и за друга градинка која во наредната година веројатно ќе влезе за аплицирање во Министерството за труд и социјална политика. За оваа градинка останува да се отстранат недостатоците на кои архитектот укажа, во што спаѓа оградата околу градинката што опфаќа дополнителни 2 милиона денари. Во тек е исплатата на ратите за изградбата на градинката што е инвестиција на Општината, рече Јовчески.

Од 2017 година досега има изградено 81 градинка во општините во државава. Се гради и во руралните средини. Во државава во завршна фаза се нови 13 градинки со кои дополнително ќе се зголеми опфатот на децата во предучилишното образование и воспитување.

Инаку, во Прилеп на листата на чекање се околу 300 деца и се очекува градинката во населбата Точила ќе го реши проблемот со згрижувањето деца во предучилишните установи.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content