Култура

И нови и постојни наставници предаваат физичко

Физичкото образование досега се сведуваше на настава каде што ученикот ретко имаше можност да ја развива својата моторика, а со тоа и да го забрза психосоцијалниот развој. Од почетокот на тековната учебна година, предметот Физичко образование во одделенска настава, заедно со одделенскиот наставник го предава наставникот од предметна настава во училиштето што нема полн фонд часови. Ако во некое училиште недостига ново вработување, со оглед на тоа дека отсега во сала треба да има двајца наставници наместо еден, тогаш започнуваат постапки за нови вработувања, за што согласност даваат Министерството за образование и наука и Министерството за финансии. Во моментов не се знае колку вкупно нови вработувања ќе има на ниво на држава.

Оваа новина во македонското основно образование безрезервно ја поддржа „Нова Македонија“, а иницијативата за неа потекна од проф. д-р Ленче Величковска, деканка на Факултетот за физичка култура.

– Анализата што ја направивме уште пред да почне учебната година покажа дека треба да имаме 224 нови вработувања на наставници по физичко образование. Но оваа бројка нема да биде толкава, бидејќи дел од фондот на часови ќе се распредели на постојни наставници што немаат полн фонд на часови – појаснуваат во Министерството за образование и наука.

Деканката Ленче Величковска вели дека деновиве биле одржани и обуки за наставниците што ќе бидат дел од тандем-наставата.

– На наставниците им беше објаснето на час со ученици како ќе се изведуваат часовите. Обучувачи беа оние наставници што веќе беа дел од новината кога таа сѐ уште беше на ниво на проект. Тие им покажуваа на своите колеги како се организира и како функционира часот, за да биде ефективен. За придобивките сме зборувале повеќепати досега. Ако нема демонстрација, детето не може да го разбере движењето.

Затоа се потребни стручни кадри што на децата ќе им демонстрираат правилни движења, оти ако не научи правилно да ги прави, тоа е основа за создавање деформитети. Ако детето не оди правилно на прсти, тогаш ќе има деформитети во коленовиот зглоб. Тука се и сколиозата, кифозата, лордозата. Овие часови се оправдани и од психолошки и од моторички аспект – вели Величковска.

„Нова Македонија“ пред извесно време присуствуваше на час по физичко со двајца наставници. Одделенската наставничка се грижеше за дисциплината, а предметниот наставник им покажуваше на децата како правилно да ги прават вежбите.

Сетко Али, долгогодишен наставник по физичко образование во училиштето „Тефејуз“, смета дека ваквиот начин на функционирање на часовите по физичко образование е голема придобивка за самите деца и за нивните родители, но и за државата, која ќе создава здрави генерации.

– Знаете дека во минатото се случувало одделенските наставници, наместо да ве однесат на физичко во сала, да ви дадат да работите математика, ликовно или музичко. Прашање е и колкав е нивниот капацитет за да можат правилно да демонстрираат вежби, со оглед на тоа дека немаат адекватно знаење по предметот, во онаа мера колку што има наставникот по физичко. Денешните деца носат тешки ранци од по 10 килограми, а освен тоа, за појава на деформитетите влијаат неправилното седење и неправилното пишување. Затоа треба многу да се внимава. Нас веќе во шесто одделение ни доаѓаат деца со деформации на телото. Ние тогаш треба да работиме многу вежби со нив, како на пример корективна гимнастика, корективно обликување, за да можеме да ги отстраниме некои од тие деформитети. Во овој процес ни се потребни помош и поддршка од родителите. Најголема придобивка од сето ова ќе имаат самите деца, родителите, но и државата, зашто нејзина цел треба биде да имаме здрави деца. Секое училиште има околу 30 отсто ученици со деформитети. Ние сме најкомпетентни и можеме да го намалиме тој процент – вели Али.

Оваа новина стана законска обврска откако како проект се покажа дека функционира одлично. За воведувањето тандем наставници на ниво на држава е заслужен Факултетот за физичка култура, чија идеја беше поддржана од Бирото за развој на образованието, како и од програмата „Еразмус плус“.

Тагови
Прикажи повеќе

Поврзани теми

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Skip to content