Политика

Џафери го стави на дневен ред разрешувањето на Јанева

Седницата за разрешување на Катица Јанева ќе се одржи утре во 13 часот. Како што информираат од кабинетот на Џафери, тој веќе го потпишал решението за свикување на пленумот со само една точка на дневниот ред која со оглед на расположението кај пратениците треба да стави крај на обвинителската кариера на Јанева.

Од опозицијата утрово обвинија дека власта свесно го одолговлекува разрешувањето на Јанева за да нема време по Собраниската седница одлуката да ја верификува Советот на Јавни обвинители. Од таму велат дека планот за спас на Јанева нема да успее.

Во пресрет на седницата за разрешување на Јанева, власта и опозицијата меѓусебно се обвинуваат за соработка со обвинителката и саботирање на истрагата.
Премиерот Заев денеска демантираше дека на лидерската средба изјавил дека Јанева за десетина дена ќе биде пуштена од притвор

Невешт обид за демант на премиерот, врати пратеникот Антонио Милошоски на социјалните мрежи додавајќи дека е добро што Заев конечно признал дека бил во комуникација со одбраната на Јанева.
Милошоски праша, во кое својство премиер на држава, кој не ни обвинител ни судија, во екот на најголемиот скандал во правосудството во историјата на Македонија е во контакт баш со адвокатот на осомничената рекетарка и зошто со неа разговарале за мерките за обезбедување притвор или куќен притвор за Јанева. Од каде потребата на адвокатата Ирена Фрчкоска да го извести токму премиерот Заев за тоа кои чекори ќе ги преземе осомничената Катица Јанева – напиша тој на социјалните мрежи.

За разрешување на Катица Јанева утре треба да гласаат најмалку 80 пратеници. Согласно Законот за СЈО, одлуката на Собранието ќе биде испратена до Советот на Јавни обвинители кој и официјално треба да го потврди разрешувањето на специјалната обвинителка. Доколку тоа не се случи пред 15 септември, мандатот на Јанева ќе истече и таа ќе се спаси од разрешување.

Тагови
Прикажи повеќе

Поврзани теми

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Skip to content