Култура

Фестивал „Тиквешки гроздобер“ викендов во Кавадарци

Кавадарци целосно подготвено за успешен старт на манифестацијата „Тиквешки гроздобер 2019“.

Локалната самоуправа годинава од својот буџет за „Тиквешкиот гроздобер“ издвои 6 милиони денари, а уште 4.5 милиони денари се обезбедени од кавадаречките компании и блиски соработници. Градоначалникот на Кавадарци упати покана до сите што сакаат да го почувствуваат духот на виното и грозјето овој викенд да се упатат кон патот што води кон Кавадарци каде ќе имаат можност да доживеат уште една гроздоберска приказна под отворено небо.

Се надевам дека годинава ќе имаме уште поуспешна манифестација. Подготовките ги започнавме со исправка на грешките од минатата година со цел манифестацијата да се доближи до светските манифестации на карневалските градови. Очекуваме добра посетеност или барем колку минатогодишната, која беше рекордна со регистрирани 60 000 гости на главниот настан. Оваа година сите институции се на ниво на поголема подготвеност и поголема мобилност сè со цел да се обезбеде поголема безбедност на посетителите. Карневалското дефиле годинава ќе биде надополнето со учесници од Раковица, Лесковац, Птуј, Тиват како и од нашите општини Пробиштип, Прилеп, Струмица и Куманово. Сто лица ќе бидат ангажирани во делот на паркирањето на гостите што ќе пристигнуваат престојните три дена – рече градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев на прес-конференцијата по повод тиквешкиот гроздобер

Покрај музичкиот дел програмата е исполнета со интересни настани, кои во најголем број се дел од повеќегодишната традиција на гроздоберот. Случувањата започнуваат утре во 12 часот со дегустација на вина на градскиот плоштад и пригодна изложба за патот на виното што ја подготвија професорите и учениците од Земјоделско шумарскиот училишен центар „Ѓорче Петров“ во Кавадарци. По официјалниот дел ќе следува трка на келнери за која се пријавија натпреварувачи речиси од сите општини во државата.

Во Музеј – галерија во 18 часот ќе биде отворена изложба на фотографии од тиквешкиот гроздобер од фотографот Бранко Ивановски во периодот од 1965 до 1981 година. Атрактивната таблијада во малиот парк ќе ги собере љубителите на таблата од цела Македонија, а сето тоа ќе биде пропратено со убава староградска музика и дегустација на добри вина и вкусна храна.

Во музичкиот дел петок е остапен за „2 Бона“, сабота за Антонија Гиговска и Јелена Розга, а на Спомен Костурницата во градскиот парк од 1 часот по полноќ младите ќе ги забавува диџејот Методи Христов од Бугарија. Во недела гостуваат „Леб и сол“ и Здравко Чолиќ. Изложбата на олтајмери и годинава ќе биде дел од случувањата на која ќе бидат изложени над 60 автомобили, од спортот ќе се одржи кошаркарскиот турнир „Сестри Китеви“ а главната карневалска поворка ќе се случи в недела напладне во која ќе има 850 учесници, а ќе биде надополнета со уште 350 моторџии што ќе се придружат на крајот од поворката.

Тагови
Прикажи повеќе

Поврзани теми

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Skip to content