Локално

ОУ „Кочо Рацин“ воведе продолжен дневен престој

Со почетокот на новата учебна година прилепското основно училиште „Кочо Рацин“, во центарот на градот, денеска го стави во употреба продолжениот дневен престој чиј сместувачки капацитет е доволен за триесетина ученици.

Директорката на училиштето Зора Чадамова вели дека продолжениот дневен престој ќе им биде од корист на родителите, кои поради обврските имаат проблем со згрижување на децата во периодот кога тие не се на училиште.

-Ставањето во функција на продолжениот дневен престој е на барање на родителите, кои поради обврските имаат проблем со згрижување на децата во периодот кога тие не се на училиште, рече Чадамова.

Нагласи дека имаат и реконструктивни зафати во училиштето.

-Покрај продолжениот дневен престој, во нашето училиште во тек е реконструкција на целиот трет кат со средства од локалната самоуправа, на фискултурната училница и на повеќето училници каде имавме потреба од тоа. Исто така, работевме и на спуштање на таваните, бојадисување на ѕидовите, промена на подовите за поголема енергетска ефикасност, за чисто училиште во кое децата ќе ја следат наставата, објасни Чадамова.

Истовремено, за полесно и поефикасно реализирање на наставата, додаде, училиштето набавува и современи нагледни средства – смарт-табли, телевизори и проектори.

Според прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, кој присуствуваше на ставање во употреба на продолжениот дневен престој и им го честиташе почетокот на учебната година на учениците,  сѐ е во функција на подобри услови во наставниот процес.

-Новиот дневен престој ќе работи од 8:00 до 16:00 часот, што значи дека ќе може да го користат учениците од двете смени. Ние како локална самоуправа се грижиме и за децата во основните и во средните училишта, издвојуваме средства за уредување на инфраструктурата, за реновирање на училниците и тоалетите, за набавка на нагледни средства и за сѐ што е потребно за воспитно-образовниот процес. Освен за отворање на продолжениот престој, оваа година издвоивме околу три милиони денари за реконструкција на подовите и таваните во неколку училници, за спортската сала и со исто темпо ќе продолжиме и во другите училишта, рече Јованоски.

Тагови
Прикажи повеќе

Поврзани теми

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Skip to content