Економија

Младите трајно се иследуваат од Македонија

Стотици програмери годишно ја напуштаат земјава, велат од Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии, МАСИТ. Нивните податоци покажуваат дека не си заминуваат само младите кадри, туку и веќе искусните инженери. Тоа е сериозен проблем, а државата заедно со сите чинители во општеството, мора да најде начин да го ублажи трендот на иселување во странство.

“Ако ви кажам дека во Македонија има 7.000 софтвер инженери кои да кажеме таа бројка со години никако не се менува. Тоа значи дека сите тие стотици што излегуваат од универзитетите, сите ја напуштаат државата. Не е тоа правило дека веднаш кога ќе завршат младите си одат. Уште пострашна е работата дека постарите инженери си одат, кои веќе имаат стекнато искуство и веќе имаат повеќе сертификати и се искусни во својата работа. И тоа дополнително ствара еден проблем што државата треба заедно со нас да седнеме да направиме една посериозна стратегија. Знаете, сите викаме да нема одлив на младите, а сепак никако да се направи една сериозна стратегија во која што ќе ги задржиме младите овде”, вели Анета Пешева, претседателка на МАСИТ.

Иако заработувачката можеби е основен мотив, од ИКТ секторот велат дека многу други фактори придонесуваат за тоа младите да се одлучат трајно да ја напуштат земјава. Потенцираат дека токму ИКТ индустријата бележи континуиран и значаен раст на платите. Лани просечната плата во овој сектор изнесувала 54.000 денари, а годинава достигна 61.000 денари, што е далеку над државниот просек. Но, и тоа не е доволно за да се задржат младите.

“Ако не се направи тука да се задржат младите со така добро, високоплатени кадри, да ги задржиме во Македонија, тогаш навистина ќе ја згрешиме работата”, вели Пешева.

Бизнис секторот предлага полабава даночна политика за младите, истакнувајќи го прогресивното даночење. Но, за да се мотивираат да останат овде мора да се зголеми и функционалноста на општеството.

“Во принцип не е само данокот проблем за младите што си заминуваат. Овде целокупната состојба во општеството ги тера младите да си заминат. Не постои скоро веќе ИТ компанија што не им плаќа приватно здравствено осигурување. Проблемот е и во целокупното нефункционирање на здравството, образованието итн, поради што младите си заминуваат. Не се секогаш парите во прашање, туку и околината и атмосферата која што ние ќе ја создадеме околу нив дека тие навистина се пожелни во државата и навистина ќе се бориме да останат овде”, објаснува Пешева.

Податоците на Државната статистика ги потврдуваат загрижувачките бројки на трајно иселени лица од земјава. Околу 10 проценти од браковите на македонски државјани се склучуваат во странство. Само во последните 5 години надвор од земјава се склучени повеќе од 6.000 бракови, каде едниот, но најчесто двајцата сопружници се македонски државјани.

Експертите алармираат дека доколку не се најде начин да се задржат младите, земјава ќе остане без сериозно население, како предуслов за економски развој.

Тагови
Прикажи повеќе

Поврзани теми

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Skip to content