Здравје

Метадонски терапии само под лекарски надзор

Дисперзија на Центарот за зависности во Кисела Вода низ повеќе пунктови низ Скопје е најсоодветно решение, за да нема проблематични случаи, ниту проблем за жителите, а пациентите ќе ја примаат терапијата пред лекар. Сепак, таа нема да се реализира додека не се разговара и со локалното население. Ова вчера го соопшти министерот за здравство Венко Филипче, откако пред два дена имаше средба со повеќе скопски градоначалници, експерти од областа и претставници од невладиниот сектор.
Од Министерството за здравство најавуваат дека за почеток се подготвени пунктовите во поликлиниките во Аеродром, Ченто, Карпош и во болницата во Бардовци, а се планира и отворање на нови во Ѓорче Петров, Чаир и во Шуто Оризари.

Развиваме европски модели и ќе работиме заедно со општините и со граѓанските организации за нивно имплементирање. Во исто време ќе работиме со локалното население, за да им укажеме дека сликата што сега ја имаат не е вистинската и таа што ќе биде ако се случи дисперзијата, бидејќи сегашната концентрација на огромен број случаи, над 500 пациенти, во Центарот во Кисела Вода е главниот проблем. Со помал број пациенти на повеќе места едноставно нема да има проблем во однос на медицинскиот отпад, зашто тој нема да биде расфрлан како сега каде што има огромен број пациенти, ниту ќе има проблематични случаи, бидејќи покрај медицинскиот третман ќе има и психосоцијална поддршка – истакна Филипче.

Тој вчера на својот фејсбук-профил напиша дека тоа се пациентите што решиле да се борат против зависноста од опојни дроги и да се справат со неа што е голема човечка одлука, која општеството, граѓаните и институциите мора да ја поддржат.

Придобивките од дисперзијата на Центарот за зависници во Кисела Вода ќе бидат големи. Со пунктовите гарантираме безбедна околина и професионална апликација на терапијата на највисоко ниво, во точно определено време кога ќе се зема терапијата на самото место пред докторот. На овој начин ќе имаме помалку пациенти во еден центар, кои полесно ќе доаѓаат до терапија, поголема контрола и секако подобро услови за сите. Едно од основните човекови права е правото на здравствена заштита. Со дисперзираниот систем тоа и ќе го овозможиме. Здравствена заштита и услуга еднаква за сите – објасни министерот, истакнувајќи дека конечно мора да се реши проблемот со Центарот за зависници во Кисела Вода, кој трае повеќе од 20 години.

Тагови
Прикажи повеќе

Поврзани теми

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Skip to content