Локално

Асфалтирани делови од улиците „11. Октомври“, „Ѓорѓи Димитров“ и „Ваљевска“

Општина Прилеп продолжува со активна реализација и исполнување на програмата за уредување на патната мрежа во градот, при што во тек се градежни активности околу реконструкција и асфалтирање на повеќе улици во градот.

Денеска се поставува нов слој асфалт на дел од улицата „11.Октомври“, поточно на потегот од фурната „Плетварец“ до стара „Техника“, на површина од околу 2.500 метри квадратни. Стариот асфалт на овој дел од улицата беше во крајно лоша состојба, со големи оштетувања и многу ударни дупки.

Претходно, во Урбаната заедница „Рид“ на површина од околу 2800 метри квадратни со ново платно асфалт се реконструираше дел од улицата „Ѓорѓи Димитров“, а во истата населба се постави  нов асфалт и на улицата „Ваљевска“ до спојот со „Задарска“ и тоа на површина од 600 метри квадаратни.

Според планот и моменталната динамика со која се уредува патната инфраструктура во Општина Прилеп, службите најавуваат дека до крајот на годинава во целост ќе биде исполнета програмата за реконструкција на улиците. Притоа фокусот се става на неасфалтираните улици, како и на деловите и краците од улиците во општината кои во изминатите години беа оставени во крајно незавидна состојба и предизвикуваа проблеми во одвивањето на сообраќајот.

Градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски лани изјави дека со негова лична заложба во Прилеп ќе нема неасфалтирана улица, а секаде каде е потребно и каде не постојат имотно – правни пречки, на квалитетен начин ќе бидат реконструирани улиците.

Исто така, изминатите денови се асфалтираше и паркингот пред Центарот за јавно здравје, чија површина изнесува 1.680 метри квадратни, а во пресрет на годинешниот „Пивофест“ и оваа локација ќе биде искористена за паркирање на возилата на посетителите, со што за време на манифестацијата ќе се олесни сообраќајот низ централното градско подрачје.

Тагови
Прикажи повеќе

Поврзани теми

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Skip to content