Спорт

Гостинска репрезентација за малку двапати ќе беше првак на Јужна Америка

На Копа Америка од 1993 година играат по две селекции што не се од Јужна Америка, на првенството од сабота тоа ќе бидат Катар и Јапонија, а во минатото најголем успех оствари Мексико со вторите места во 1993 и во 2001 година

Фудбалската федерација на Јужна Америка за пополнување на бројот на репрезентации за настап на Копа Америка реши од 1993 година да поканува по две репрезентации од други континенти, со што оттогаш на тој турнир играат по 12 селекции. Така, досега на Копа Америка играле главно репрезентации од Северна Америка, и тоа Костарика, Мексико, Хондурас, Јамајка, Хаити, САД и Панама, но и две од Азија, Јапонија, која годинава ќе игра вторпат (првпат во 1999 г., играше во групната фаза), и Катар, кој ќе дебитира на првенството што почнува в сабота.

Катар е актуелен азиски првак од шампионатот што се одржа во јануари, а Јапонија на тоа првенство играше во финалето. Вкупно досега имало осум гостински селекции на Копа Америка. Најголем успех од поканетите оствари Мексико, кој во 1993 година и во 2001-та стана вицешампион на Јужна Америка (порази во финалињата од Аргентина со 1-2, односно од Колумбија со 0-1).

Мексико има и три трети места (1997, 1999 и 2007 година), а еднаш бронза освои и Хондурас (2001). Од другите, САД двапати беа четврти (1995 и 2016 година), а во четврт-финалето двапати играше Костарика (2001 и 2004). Мексико има уште три четвртфиналиња (1995, 2004 и 2016 година). На Копа Америка двапати играла и Јамајка (групна фаза), а по еднаш Хаити и Панама (двете во групна фаза).

Првенството на Јужна Америка од 2001 година ќе остане запаметено и по тоа што меѓу првите три репрезентации две беа од Северна Америка (Мексико и Хондурас), а првак беше Колумбија, која тогаш ја освои својата прва континентална титула. Годинава на Копа Америка нема да има репрезентации од Северна Америка, чие првенството се игра истовремено (од недела) со шампионатот на Јужна Америка.
Има најави дека на следното издание на Копа Америка, во 2020 година, како гостин треба да настапи Австралија.


Само четири пати трофејот го освоил селектор странец

Англичанецот Џек Гринвел е првиот фудбалски тренер што како странец освоил титула на Копа Америка. Тој го направи тоа со Перу во 1939 година. На минатото издание на првенството на Јужна Америка, во 2016 година, селектор на шампионот Чиле беше Хуан Антонио Пици, кој е роден во Аргентина, но играше за репрезентацијата на Шпанија. Други два случаја една репрезентација да стане првак на Јужна Америка со селектор странец се одново Чиле, во 2015 година, кога до трофејот таа селекција ја предводеше Аргентинецот Хорхе Сампаоли, како и Боливија од 1963 година, со Бразилецот Данило Алвим на кормилото.

Тагови
Прикажи повеќе

Поврзани теми

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Skip to content