Политика

Попишувачите на терен во Прилеп и во Долнени

Пробниот попис на населението, становите и домаќинствата во 13 општини во земјава, помеѓу кои се по два пописни круга во Прилеп и во Општина Долнени започна денеска. На теренот од изутрината се по двајца попишувачи со инструктор од Државниот завод за статистика во двете општини. Инструкторите и попишувачите се среќаваат со жителите и ги одредуваат границите на пописните кругови. Во секоја од двете општини со пробниот попис ќе бидат опфатени по речиси 200 домаќинства.

Според инструкторот Мира Илиевска од Државниот завод за статистика, која со двајцата попишувачи беа за одредување на границите на пописните кругови во Прилеп, сѐ се одвива во најдобар ред, а граѓаните се приемчиви и покажуваат разбирање, особено што од утре после 10 часот ќе ги посетуваат попишувачите.

-Денеска правиме обиколка на пописните кругови за да го осознаеме теренот со кој располагаме. Ја одредуваме границата на пописните кругови за некој да не остане непопишан. Луѓето излегуваат во пресрет, објаснуваат и укажуваат на броевите на улиците во кои живеат. Во Прилеп имаме опфатено два пописни круга, како и во Општина Долнени каде се два рурални пописни круга за овој пробен попис. Едниот пописен круг во Прилеп, 281, опфаќа неколку улици, а другиот, 215 опфаќа три улици. Според евиденцијата која ја имаме од последниот попис, во едниот круг се опфатени 80-ина домаќинства, а во другиот пописен круг се 100-ина. Самиот попис ќе покаже која е точната бројка. Изутрината ги известивме надлежните во прилепската локална самоуправа дека сме излезени на теренот. Го правиме она најбитното, односно определувањето на пописните кругови, рече Илиевска.

Во двата пописни круга во Прилеп се опфатени речиси 200 домаќинства колку и во општината Долнени каде пописните кругови се во две населени места, во селата Лажани и во Црнилиште.

-Во Прилеп имаме опфатено два пописни круга и во општина Долнени два рурални пописни круга за овој пробен попис. Едниот пописен круг во Прилеп, 281, опфаќа неколку улици, а другиот пописен круг, 215, опфаќа три улици. Така е и во двата пописни круга во Долнени. Не се целите села пописни кругови, туку по еден пописен круг, каде во секој од нив се во просек од 80 до 100 домаќинства, објаснува Илиевска.

Од овој пробен попис податоците не се објавуваат, туку е наменет за утврдување на новиот метод, за да се отстрана евентуалните недостатоци, технички и евиденциски.

-Овој попис е според новиот метод, попишувањето е електронски, се врши вкрстување на податоците од повеќе бази, поточно шест. Направена е предбазата за попис. Од утре се стартува со апликацијата, податоците се внесуваат директно, електронски, нема хартија. Податоците се заштитени со закон и никој не треба да се сомнева дека ќе има злоупотреба. Ние сите сме вработени во ДЗС и имаме овластувања, а податоците од пробниот попис не се за јавна употреба, туку за потребите на Државниот завод за статистика, пред сѐ, за да се види како функционира методот на попишувањето на теренот. Сите имаме потпишано изјави за чување на податоците. Нормално, клучот за евидентирање на лицата е матичниот број. Должни сме да ги провериме податоците од базите со лицето кое го попишуваме. Доколку некое лице е моментално во странство, некој од семејството ни доставува матичен број за него и документ за да се попише. Се опфаќаат лицата кои се во странство до една година, образложува Илиевска.

Жителите на кои попишувачите денеска им објаснуваа за пробниот попис во Прилеп беа љубезни и нагласија дека во секој поглед ќе им излезат во пресрет на попишувачите од Државниот завод за статистика.

Се навестува втор пробен попис во октомври и во ноември.

Тагови
Прикажи повеќе

Поврзани теми

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Skip to content