Спорт

Кадетите имаат поволна ждрепка и адути за висок пласман на СП

Македонските кадети добија одлична група за претстојното Светско првенство (СП) за ракометари до 19 години, што од 6 до 18 август треба да се игра во Скопје. Избраниците на селекторот Данило Брестовац ќе бидат дел од групата Ц, каде што се и Данска, Бахреин, Јапонија, Аргентина и Нигерија.

Со оглед на рејтингот и резултатите што ги има зад себе, селекцијата на Данска е фаворит број еден во групата Ц, а Бахреин, Јапонија, Аргентина и Нигерија се непознаници во однос на играчите со кои располагаат, квалитетот и системот на игра што го претпочитаат. Првичните амбиции на Македонија беа пласман во осминафиналето на турнирот.

– Почнуваме да собираме информации за противниците во групата. Ова е група што ни дава многу повеќе мотив за работа и подготовка во пресрет на СП. Нема никого да потцениме и да прецениме. Една и единствена цел против сите противници ќе ни биде победа, а поволната ждрепка ни дава одлична шанса да ги оствариме нашите амбиции за што подобар пласман – изјави Брестовац.

Со пласман на првите две места во групата Ц, Македонија веројатно би играла во осминафиналето со Србија, Бразил, Тунис или со Португалија, со оглед на тоа што Германија и Исланд се фаворити за првите две места во групата Д. Германецот Јури Кнор (сезонава во вториот тим на Барселона) и Исланѓанецот Хаукур Прастарсон (Селфос од Исланд) се имињата кои отскокнуваат меѓу кадетите кои ќе бидат дел од осмиот ракометен Мундијал, но и Македонија во своите редови има ракометни бисери и силни адути во трката за што повисок пласман на СП – Мартин Серафимов, Ненад Костески, Марко Кизиќ, Кристијан Симоновски, Дарко Кондев, Михајло Младеновиќ…
Возбудливи натпревари со ривалите од сите страни на светот очекува и данскиот селектор Симон Соренсен.

– Добивме група со селекции од сите страни на светот, за кои немаме никакви информации. Но тоа не го гледаме негативно, туку напротив, среќни сме што ќе научиме нови ракометни лекции од соочувањето со различни стилови на игра, нетипични за европскиот ракомет. Затоа со почит гледаме на натпреварот со домаќинот Македонија, кој се надеваме дека ќе биде возбудлив пред многу гледачи. Најтешките мечеви за нас доаѓаат во втората фаза, кога ќе треба да вкрстиме со силните селекции од групата Д – вели Соренсен.

Тагови
Прикажи повеќе

Поврзани теми

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Skip to content