Здравје

Преработената храна виновна за бројни здравствени проблеми

Консумирањето на големи количества процесирана храна, како што се колбасите, сладоледот и пицата го зголемуваат ризикот за рана смрт до 60 отсто, според нова студија што ја пренесе „Индипендент“.

Две истражувања објавени во Британскиот медицински магазин нашле поврзаност меѓу храната со високи нивоа на маснотии и шеќер, и зголемениот ризик од срцеви болести и срцев удар.

Истражувањата покажале дека луѓето што јадат четири порции процесирана храна дневно имаат зголемени изгледи за прерана смрт, за разлика од оние кои јадат само два оброци на ден од истата.

Ваквите истражувања, кои се направени од различни тимови во Шпанија и Франција, придонесоа за добивање на информации поврзани со појавата на рак и дебелеење кај луѓето предизвикано од преработена храна.

Во првото истражување, спроведено од истражувачите на Универзитетот во Париз, користени се информации за исхраната и здравјето на повеќе од 105 илјади луѓе. Во текот на пет години, откриено е дека оние кои консумираат преработена храна се повеќе подлежни на срцеви удари и на други кардиоваскуларни болести.

Во второто истражување, тимот на Универзитетот во Навара, Шпанија, собрал податоци за навиките и исхраната на 20.000 студенти во периодот од 1999 до 2014 година. Тие откриле дека оние кои јадат четири оброци со процесирана храна имаат шанси од 62 отсто за прерана смрт, во споредба со оние кои јадат само два оброка.

Затоа, истражувачите предупредуваат дека луѓето треба да бидат посвесни што консумираат, односно да се хранат поздраво, а велат дека дури 60 отсто од дневниот внес на енергија во телото доаѓа од фабрички произведената храна.

Друга студија посочува дека процесираната храна ги тера луѓето да јадат повеќе и побрзо, со што се здобиваат со зголемување на телесната тежина, без да бидат свесни за проблемот.

Истражувачите од Американскиот институт за здравство откриле дека учесниците во изработка на студијата дневно внесувале 500 калории повеќе, поради што ја зголемиле тежината за килограм на секои две недели, додека оние кои се хранеле со салата од спанаќ, пилешко, јаболко и со сончоглед ги намалиле килограмите.

Во процесираната храна спаѓаат житариците за појадок, сирењето, конзервиран зеленчук, леб, колбаси, пити, тестенини, сувомеснатите производи, безалкохолните пијалоци и млекото.

Сепак, одредени производи мора да бидат преработени за да бидат безбедни за консумирање, како што е на пример млекото, кое треба да се пастеризира за да се отстранат штетните бактерии.

Тагови
Прикажи повеќе

Поврзани теми

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Skip to content