Технологија

Нов момент во судирот – „Гугл“ го блокира „Хуавеи“

Технолошкиот гигант „Гугл“ му забрани на „Хуавеи“, вториот по големина во светот производител на мобилни телефони, да користи некои од обновите на оперативниот систем Андроид, нанесувајќи ѝ сериозен удар на кинеската компанија. Па, така, новите модели на паметни телефони од „Хуавеи“ нема да имаат пристап до некои од апликациите на „Гугл“. Ваквиот чекор следува откако администрацијата на Трамп го додаде „Хуавеи“ на листата на компании, со кои американските фирми не може да тргуваат доколку немаат лиценца, пренесува Би-би-си.

Од „Гугл“ соопштија дека компанијата ја почитува наредбата и ги разгледува импликациите. Истовремено, „Хуавеи“ порача дека ќе продолжи да обезбедува безбедносни надградби и услуги за сите постојни телефони „хуавеи“ и „онор“, како и таблети, опфаќајќи ги сите уреди што веќе се глобално продадени или се наоѓаат во резерва.

– Ќе продолжиме да градиме сигурен и одржлив софтверски екосистем, за да обезбедиме најдобро искуство за сите корисници глобално – се наведува во соопштението на „Хуавеи“.

Во првата реакција откако компанијата беше ставена на листата, Рен Женгфеи, директорот на „Хуавеи“, изјави дека фирмата веќе се подготвувала за ваквиот развој на настаните. Според него, „Хуавеи“ ќе продолжи со развивањето сопствени делови за мобилните уреди.

„Хуавеи“ се соочува со сѐ поголем отпор од западните земји, предводени од САД, околу можните ризици од користењето на неговите производи во наредната генерација на мобилни мрежи, позната како 5Г. Некои земји изразија загриженост дека опремата на „Хуавеи“ може да се искористи за шпионирање од страна на Кина, обвинувања што компанијата остро ги демантира.


Забраната важи за новата верзија на Андроид

Корисниците на постојните паметни телефони од „Хуавеи“ и понатаму ќе може да ги надградуваат апликациите и да ги обновуваат безбедносните закрпи, како и да ги надградат услугите на сервисот „Гугл плеј“. Но, кога „Гугл“ ќе ја пушти во употреба новата верзија на Андроид, подоцна годинава, таа можеби нема да биде достапна за уредите од „Хуавеи“. Исто така, идните уреди од „Хуавеи“ најверојатно нема да имаат апликации како што се „Јутјуб“ и „Мепс“. Кинеската компанија и понатаму може да ја користи верзијата на оперативниот систем Андорид преку т.н. опен сорс лиценца.

Прикажи повеќе

Поврзани теми

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Skip to content