Технологија

Што значат новите регулативи во авторските права за интернет-слободата?

Изминативе денови Европскиот парламент ја одобри спорната легислатива за авторски права, која претставува најголема промена во Законот за авторски права во последниве две децении. Кога ќе стапи во сила, директивата ќе биде најголемата промена во Интернет, по воведувањето на Регулативата за заштита на податоците, или попозната како ГДПР. Промените во авторските права се најпознати поради нивните две најконтроверзни клаузули, членовите 11 и 13, кои беа извор на жестоки расправи меѓу корпоративните лобисти, онлајн-активисти и групите за слобода во изразувањето. Реформите вклучуваат правила што би можеле да ги принудат интернет-компаниите да ги забранат „мемињата“ и да спречат покажување линкови од страниците на начинот на кој се покажуваат досега. Поддржувачите тврдат дека се потребни правила за да се осигури дека музичките компании и медиумите се правилно платени за содржината што ја дистрибуираат технолошките компании. Но одредени технолошки фирми тврдат дека тоа би можело да го промени начинот на кој функционира Интернет и да уништи некои од неговите основни принципи.

Легислативата нагласува дека луѓето сѐ уште ќе можат да испраќаат содржини, но технолошките фирми, вклучувајќи го и „Гугл“, предупредија дека автоматски ќе треба да отстранат значително повеќе содржини. Најконтроверзниот дел од правилата беше познат како членот 13, кој ги принудува интернет-компаниите да ги скенираат содржините што им се предадени во случај тоа да било кршење на авторските права.

Компаниите како што се „Јутјуб“ и „Фејсбук“ веќе ги отстрануваат музиката и видеата што се заштитени со авторски права. На пример, „Јутјуб“ ги скенира поставувањата и ги совпаѓа со базата на податоци на датотеки доставени од сопствениците на содржини, давајќи му на оригиналниот творец на делото опција за следење, блокирање или монетизација. Според новата легислатива, технолошките компании ќе бидат поподложни за секоја содржина што се објавува на нивните платформи, а е заштитена со авторски права, особено ако веќе работат нивните автоматски скенови.

Таа одредба во јавноста е попозната како „меме-забрана“, бидејќи компаниите би можеле да ги забранат интернет-шегите, кои се нарекуваат „мемиња“, што се во вид на слика или кратко видео и се потпираат на преземање други содржини од ТВ-емисии или авторски слики. Технолошките компании беа гласни со ставовите против овие правила. „Јутјуб“, на пример, кажа дека би бил принуден да спречи милиони луѓе да ги поставуваат своите видеа.

Новите регулативи всушност не ги принудуваат техничките компании да воведат одредени филтри или да им забранат на Европејците да префрлаат одредена содржина. Некои од технолошките компании велат дека не се концизно напишани регулативите и дека компаниите ќе бидат принудени да бидат многу строги ако сакаат да избегнат парични казни. Другиот контроверзен дел од правилата е познат како членот 11, или „данок за линкови“. Тоа им овозможува на издавачите на вести да им наплаќаат на компании како „Гугл“ за прикажување фрагменти од статии во нивните резултати од пребарувањето. Се активираа и активисти, кои исто така тврдат дека директивата за авторски права ќе биде штетна за слободното изразување на Интернет.

Единствениот начин да се гарантира почитување на регулативата е едноставно да се блокира која било содржина генерирана од корисниците, содржина што на кој било начин се однесува на други материјали заштитени со авторски права, тука се вклучуваат критики, ремикси, па дури и едноставни цитати што се ставаат на интернет социјалните мрежи. Други критичари предупредуваат дека законот може да им помогне на големите технолошки компании, бидејќи само најголемите од нив ќе имаат ресурси за да ги почитуваат прописите.

– Со шансата да се внесе легислативата за авторски права во 21 век, институциите на ЕУ го уништуваат напредокот што треба да се направи од иноваторите и креаторите да измислат нови содржини и да ги споделат со луѓето од целиот свет. Наместо тоа, со легислативата им се предава власта на големи издавачки куќи во САД, како филмските студија и големите технолошки компании – вели Раеган Мекдоналд, шеф на јавната политика на ЕУ од независна компанија за интернет-прелистување „Мозила“.


Што ќе се случи со онлајн-вестите со новите регулативи?

Со членот 13 им се отежнува на технолошките компании да објавуваат содржини генерирани од корисниците, а членот 11 конкретно се однесува на споделувањето новински статии. Издавачите тврдат дека на новинските организации им е тешко да продолжат со финансирање квалитетно новинарство и дека технолошките фирми што монетизираат размена на вести треба да го платат својот удел. Директивата воведува нов услов за „давателите на услуги од информатичкиот сектор“ за да го обезбеди правото за споделување статии за вести. Сликите на „Гугл њуз“ и „Фејсбук“ сѐ уште ќе бидат во можност да покажат фрагменти на статии за вести, а „Википедија“ ќе биде изземена од легислативата.
– Вклучувањето на новинските агенции во текстот на директивата, исто така, може да се толкува како признание за квалитетот на нашата работа и за важноста што ја има новинарството. Ова е особено важно за заштита на европските медиуми како целина, бидејќи европските новински агенции се главните провајдери на квалитетни вести за повеќето други медиумски организации низ Европа – рече Александру Гибои, генерален секретар на Европската алијанса на новински агенции.

Прикажи повеќе

Поврзани теми

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Skip to content