Локално

Со средства од Јапонската амбасада подобрени условите во ОУ „Добре Јованоски“

Градоначалникот Јованоски заедно со амбасадорката на Јапонија во Северна Република Македонија, Н.Е. Г-ѓа Кеико Хенда, присуствуваа на пригодна програма во основното училиште „Добре Јованоски“ по повод реализацијата на проектот за подобрување на училишната средина во оваа образовна институција.

Средствата за реализација на овој проект, во висина од околу 50.000 евра, во чии рамки е извршена промена на прозорците и вратите во училиштето и пренаменет е дел од училишниот простор во советувалиште за родителите и деца со посебни образовни потреби, ги обезбеди Јапонската амбасада преку GGP програмата.

Во своето поздравно обраќање пред присутните претставници од општествениот живот и вработени во основното училиште „Добре Јованоски“ градоначалникот на општина Прилеп Илија Јованоски го честиташе Меѓународниот ден на Ромите, истакнувајќи дека Општина Прилеп максимално се залага за инкорпорирање на ромската заедница во сите сегменти на општественото живеење, притоа почитувајќи и помагајќи го развојот и негувањето на ромската култура и традиција.

„Општина Прилеп и во иднина ќе делува на полето на инклузија на ромската заедница во сите сфери од нашето живеење. Денес сакам да го искажам моето огромно задоволство во однос на посетата на Јапонската амбасадорка Н.Е. Г-ѓа Кеико Хенда, која по трет пат е во посета на нашиот град и да се заблагодарам за реализацијата на проектот во чии рамки беше предвидено рехабилитација на објектот на оваа образовна институција. Проектот е финансиран од Јапонската Влада преку GGP програмата во вредност од околу 50.000 евра. Се надевам дека оваа соработка ќе продолжи и во иднина, и ова нема да биде единствен проект кој се реализирал во нашиот град со поддршка на Јапонската амбасада“, рече градоначалникот Јованоски.

Реализацијата на овој проект ќе значи поголема енергетска ефикасност на објектот и подобри услови за изведување на наставата.

„Чест и задоволство ми е што сум во посета на Прилеп по повод реализацијата на овој проект. Среќна сум што оваа прослава коинцидира со одбележувањето на Меѓународниот ден на Ромите и ја имаме можноста да го одбележиме заедно. Оваа година исто така се прославува 25 годишнината од пријателство помеѓу нашите земји. Вашето училиште е 66 училиште кое е рехабилитирано од повеќе од 100 успешно завршени проекти од грант програмата за мали проекти“, истакна Н.Е. Г-ѓа Кеико Хенда, амбасадор на Јапонија во Северна Република Македонија.

Во ова основното училиште настава посетуваа 1226 ученици, од кои 976 се од ромска националност, рече директорката на ОУ „Добре Јованоски“, Сузана Дарковска.

Тагови
Прикажи повеќе

Поврзани теми

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Skip to content