Политика

Владата ќе промовира спортување меѓу младите

Само 2 проценти од населението во државата се занимава со спорт. Тенденцијата на владата е овој процент да се зголеми на 20%.

Ова го порача премиерот Зоран Заев од одбележувањето на меѓународниот ден на спортот од календарот на Обединетите Нации. Заев потенцираше дека  спортот и физичкото образование се од исклучителна важност за секое општество и затоа ги промовираат и поддржуваат политиките со кои ќе се зголеми бројот на граѓаните кои секојдневно го применуваат спортот и спортските рекреативни активности.

,,Приоритет ставаме на квалитетен систем на спорт во училиштата. Нашата цел е да го зголемие процентот на граѓани кои спортуваат од сегашните два проценти од населението на 20 %.  Кои ќе бидат опфатени во спортот за сите.

Нашата намера е преку моделот на училишен спорт да го зголемиме бројот на ученици кои спортуваат од сегашните 5 илјади на 50 илјади во основното и средното образование“, рече премиерот Зоран Заев.

Поради обврските,  премиерот нема многу време за спорт и рекреација, но  кога наоѓа слободен термин најчесто вози мотор или игра фудбал.

,,Во недела обично возам мотор, дали е тоа по струмичките ридови или по улиците во Македонија. Во Скопје знаеше директорот на агенцијата за млади и спорт да не организира министрите, пратениците, градоначалниците, директори сите да спортуваме и да играме фудбал. Обично секој четврток играме фудбал, јас не доаѓам секој четврток нормално , само понекој четврток кога имам време“, вели Заев.

За министерката за труд и социјална политика која заедно со директорот на агенцијата за млади и спорт беше дел од одбележувањето на меѓународниот ден на спортот многу е важно кога се зборува за инклузивно општество таа инклузија на лицата со попреченост треба да се случи на сите нивоа од секојдневното живеење.

,,Во сите екипи спортски кои што денеска се претставија имаа во себе содржано и лица со попреченост и ова покажа дека навистина и децата со типичен и со нетипичен развој може заеднички да спортуваат, заеднички да се забавуваат“, рече Мила Царовска, министер за труд и социјална политика.

На одбележувањето на меѓународниот ден на спортот за развој и мир во Струмица учествуваа неколку стотини  деца и спортисти од различни спортски гранки и клубови. За сите нив премиерот Заев најави зголемена финансиска поддршка преку ваучерскиот систем. Преку овој систем досега биле обезбедени 6 милиони евра за помош на спортот,  но веќе преговарале со министерот Тевдовски за зголемување  на 10 милиони евра.

Тагови
Прикажи повеќе

Поврзани теми

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Skip to content