СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Македонија

Камбаните го објавиле почетокот на ИЛИНДЕНСКОТО ВОСТАНИЕ – Македонија слави 120 години Илинден

Почетокот на Илинденското востание го објавиле камбаните во Крушево на полноќ спроти Илинден 1903 година. Околу 800 востаници го ослободиле градот, а по два дена Никола Карев ја прогласил Крушевската Република и станал нејзин претседател… Слободната Република траела десет дена.

Под команда на Бахтијар-паша, 18-илјадна османлиска војска тргнала во акција за враќање на власта во Крушево. Последните истрели на Мечкин Камен и загинувањето на војводата Питу Гули, го означиле и крајот на Крушевската Република.

Четириесет и една година по Илинденското востание, во манастирот Св. Прохор Пчињски кај Куманово 115 делегати го одржале Првото заседание на АСНОМ (Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија), на кое е потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамките на ДФ Југославија. Заседанието го отворил Панко Брашнаров, најстариот делегат и сведок на двата Илиндена. Избран бил Президиум на АСНОМ, под претседателство на Методија Андонов-Ченто.

Заседанието усвоило неколку документи со државотворно значење, меѓу кои и Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија.

На 2 Август- Денот на Републиката – Илинден, што годинава се чествува под слоганот „120 години Илинден – Огниште на татковината“, претседателот Стево Пендаровски ќе се обрати во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, претседателот на Собранието Талат Џафери на Мечкин Камен во Крушево, додека премиерот Димитар Ковачевски ќе се обрати на свеченост на тврдината Кале во Скопје.

Во Крушево, синоќа, традиционално, во организација на НКС „Десет дена Крушевска Република“ се отвори истоимената манифестација која ги претставува културата, традицијата и историјата на Крушево, пред нашите граѓани, а на отворањето се обрати премиерот Ковачевски.

Делегации на Владата учествуваат на сите настани опфатени со државната програма за одбележување на државниот празник 2 Август – Денот на Републиката – Илинден. Одбележувањето на Денот на Републиката, Илинден на 2- Август ќе започне со настаните во Скопје, каде на свечена манифестација на тврдината Кале во Скопје ќе се обрати премиерот Ковачевски, а  владини делегации ќе положат цвеќе на повеќе локации во градот, соопштуваат од Владата во информацијата за програмата за одбележување на празникот.

Според најавата, денеска во 8:30 часот владина делегација во чиј состав се министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и заменик министерката за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ ќе положат цвеќе на споменикот на АСНОМ во паркот „Жена Борец“ во Скопје, на споменикот на Никола Карев пред Собранието, како и на спомен-обележјето на Методија Андонов-Ченто на Градскиот плоштад.

Свечената манифестација во Скопје, продолжува на тврдината Кале во Скопје, во 9:30 часот, каде по положувањето цвеќе пред споменикот на слободата „Сила, слава и победа“, ќе се обрати Ковачевски, по што ќе следи културно уметничка програма. Ковачевски таму ја предводи владината делегација во чиј состав се првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, вицепремиерот за економски прашања и координација на економските ресори Фатмир Битиќи, министерката за одбрана Славјанка Петровска.

Од Владата информираат дека претседателот на Собранието, Талат Џафери, предводејќи државна делегација со државни почести и чествувања ќе го одбележи големиот национален празник Илинден во Крушево.

Во состав на владината делегација на чествувањето на државниот празник 2 Август – Денот на Републиката – Илинден во Крушево се, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, како и министерот за образование и наука, Јетон Шаќири.

Владинат делегација ќе се поклони и ќе оддаде почит положувајќи цвеќе на вечното почивалиште на првиот претседател на Крушевската Република, Никола Карев во споменикот „Македониум“ на Гумење и на споменикот на паднатите борци на Слива, кои се симбол на жртвата на востаниците за одбрана на Крушевската Република, со почеток во 9 часот.

Од 10 часот, со присуство на панихидата за загинатите Илинденци во црквата „Св. Никола“, на владината делегација и со положување цвеќе на споменикот на Мечкин Камен продолжува церемонијата во чест на националниот празник, по што на Мечкин Kамен во 11:30 часот, започнува манифестацијата на која ќе се обрати претседателот на Собранието, Џафери.

Во рамки на централниот дел од државната програма за чествување на 2 Август во Крушево ќе биде одржана празнична културно-уметничка програма.

Претседателот на државата Стево Пендаровски во 10:15 часот, по повод одбележувањето на 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, на 2 август 2023 година, ќе се обрати пред Меморијалниот центар АСНОМ, во Пелинце. Пендаровски ќе положи цвеќе пред спомен-плочата на АСНОМ во манастирот Прохор Пчински, во 12 часот, а ќе биде пречекан од претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ и ќе остварат билатерална средба, по што се предвидени изјави за медиумите.

Во чест на Првото заседание на Антифашистичкото Собрание на Народното ослободување на Македонија – АСНОМ, пред споменикот на АСНОМ, ќе биде положено свежо цвеќе, по што претседателот Пендаровски, ќе се обрати и следува организирана културно-уметничка програма.

На споменикот на АСНОМ во Меморијалниот центар Пелинце, по повод националниот празник Илинден, владината делегација ја сочинуваат министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу.

Свечената програма за одбележување на Денот на Републиката и оваа година го опфаќа традиционалното чествување на Илинден во Смилево во организација на Општината Демир Хисар, каде се чествува со положување цвеќе и фолклорна манифестација.

Од 9 часот, владината делегација, во состав на заменик-министерот за финансии Филип Николовски и националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка Роберт Алаѓозовски, ќе оддадат почит на могилата Даме Груев, споменикот на смилевските Илинденци и спомен плочата на Смилевскиот партизански одред, по што следува посета на Меморијалниот музеј, положување цвеќе на споменикот на Даме Груев, по што во спомен паркот „Даме Груев“ започнува традиционалната прослава.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во рамки на одбележувањето на националниот и државен празник Илинден ќе предводи висока партиска делегација во Крушево. Делегација на ВМРО-ДПМНЕ ќе положи свежо цвеќе на гробот на Никола Карев, претседател на Крушевската Република.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content