Локално

ЈКП „Водовод и канализација“ го одбележа Светскиот ден на водата

„Денеска е Светскиот ден на водата, ден кога треба да се акцентира важноста на овој природен ресурс за животот на луѓето, особено ако знаеме дека само 1% од водата на земјата е употреблива за пиење. Од тие причини, неопходно е економично да се стопанисува со истата“, изјави директорот на ЈКП „Водовод и канализација“ – Прилеп, Емил Јанески, по повод Светскиот ден на водата, 22. Март.

Јанески потенцираше дека експертите на Обединетите нации предвидуваат дека до 2025 година, 2/3 од луѓето на планетата Земја ќе почуствуваат недостиг на вода за пиење, а истиот проблем до 2050 ќе го има целокупното население на Земјата. Тој напомена дека Општина Прилеп и ЈКП „Водовод и канализација“ континуирано работат на подобрување на условите за квалитетно водоснабдување на граѓаните.

„Се врши промена на старата азбестна мрежа со нова полиетилентска, а во најскоро време јавното претпријатие ќе набави најсовремена опрема за намалување на губитоците на вода. Истовремено, апелирам до граѓаните водата за пиење да не ја користат за технички потреби, за наводнување и да не ја испуштаат непотребно. Треба да постои соработка помеѓу јавното комунално претпријатие и граѓаните на општина Прилеп, во насока на подобрување на услугите кои ги испорачува јавното претпријатие, а истовремено и разбирање од страна на граѓаните за работата на ‘Водовод и канализација’ и штедење на водата“, истакна првиот човек на ЈКП „Водовод и канализација“, Емил Јанески.

Во насока на одбележување на Светскиот ден на водата, претставници на ЈКП „Водовод и канализација“ низ градот делеа флаери со едукативен карактер за потребата од штедење и правилно користење на водата, а со истата цел посетија и неколку училишта и градинки во Прилеп.

Во одбележувањето на Светскиот ден за заштита на водата, активно се вклучија и  учениците од прилепското ООУ „Кочо Рацин“, преку спроведување на акцијата „Штеди вода“.

Тагови
Прикажи повеќе

Поврзани теми

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Skip to content