Култура

МОН со допис до училишта да бидат внимателни со изборот на превозници за екскурзии

Министерството за образование и наука испратило допис до училиштата со потсетување да внимаваат со кој оператор ќе склучат договор за автобуски превоз на децата за време на екскурзиите. Ова го потврдија од самото министерство, по автобуската несреќа изминатиот месец крај Ласкарци во која животот го загубија 15 лица од Гостивар и околината.

„Имајќи предвид дека училишните екскурзии се составен дел од воспитно образовниот процес на учениците и помагаат за остварување на одредени цели од наставните програми, доставивме укажување до сите основни и средни училишта да бидат особено внимателни при изборот на правните субјекти, односно туристички оператори кои ќе бидат ангажирани за реализација на екскурзиите, со оглед на последните случувања, односно сообраќајната несреќа со фатални последици по животот и последици по здравјето на повеќе наши сограѓани“, гласи во соопштението на МОН.

Од министерството велат дека треба да се почитуваат правилниците за организирање на ученичките екскурзии и да се внимава на условите и критериумите кои операторите треба да ги исполнат на јавниот повик.

„Посебно внимание треба да се посвети на исполнетоста на условите за превоз на групи деца согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Правилникот за посебни технички барања на возилата со кои се превезуваат групи деца. Во интерес на учениците и подигање на степенот на нивната безбедност и заштита, училиштата можат да ги контактираат сите надлежни институции и органи ако се појави потреба за какви било дополнителни консултации и сугестии“, велат од таму.

Тагови
Прикажи повеќе

Поврзани теми

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Skip to content