Култура

Ова е Тамара со „Proud“

Моќната балада ,,Proud” со која Тамара ќе ја претставува нашата земја на Евровизија 2019 во Тел Авив, за помалку од 24 часа, откако беше промовирана во главните вести на МРТ1 синоќа, предизвика огромен интерес кај јавноста и е преслушана повеќе од 200.000 пати на музичкиот канал Јутјуб.

Позитивни впечатоци, воодушевување од моќната порака која со едноставен видео запис ја пренесе Тодевска, но и високи очекувања од годинашното учество на музичката манифестација се првичните реакции од јавноста.

Песната звучи моќно, и е чекор напред во рушењето на стереотипите кои општеството им ги наметнува на жените. Да се биде различна, своја, и најважно од се – горда, е пораката која Тамара одлично и ја пренесе на публиката.

Во видео записот се појавуваат писателката Винка Саздова, моделот Катарина Ивановска, харфистката Мерсиха Шукри и други жени, секоја посебна на свој начин.

Вистински жени, без дебели слоеви шминка, без кич и непотребни реквизити кои станаа секојдневие во женскиот свет, протагонистките во видеото ја покажаа убавината на соголената жена, внатрешноста и посебноста која секоја ја носи во себе и на која треба да биде горда.

И, ако во изминатите години, по секое промовирање на евровизиската песна, социјалните мрежи буквално вриеја од критики, негативни коментари и лоши прогнози, очигледно денес Тамара го прекрши редовниот ритуал и ги освои симпатиите на љубителите на Евровизија со уникатната балада.

Она што во минатото беше невозможно да се прочита во коментарите на јавноста, а тоа е дека дури и да не влеземе во финале, сме оставиле песна која вреди и ќе трае, денес е една од најчестите објави на социјалните мрежи – Тамара, ние сме горди, без разлика што ќе одлучи Европа за песната, која од прво слушање допре и до оние, најскептичните кога е Евровизија во прашање.

Музиката за ,,Горда” е дело на Роберт Билбилов, Лазар Цветковски и Дарко Димитров, а текстот е на Коста Петров и неговата сопруга Сања Поповска.

Тагови
Прикажи повеќе

Поврзани теми

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Skip to content