СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Македонија

Пратениците да го поддржат предлогот за измени на Законот за здравствено осигурување за платено породилно отсуство за земјоделки

Собранието утре ќе гласа по Предлог на закон за измени и дополнување на Законот за здравствено осигурување поднесен од пратениците на Левица со кој се овозможува платено породилно отсуство за земјоделки.

На иницијатива на Мрежата за заштита од дискриминација и ЛАГ Агор Лидер, повеќе од 60 здруженија на граѓани, сојузи и фондации бараа од Собранието да поднесе Предлог на закон за измени и дополнувања на Законот за здравствено осигурување со кој ќе се овозможи системско решавање на проблемот на исклучување на земјоделците од правото на породилно отсуство. Граѓанскиот сектор побара да се овозможи ова право за земјоделците под исти услови како за сите останати работници и самовработени лица, а притоа основицата за пресметка на висината на надоместокот да не биде помала од минималната плата.

По претставка на Мрежата за заштита од дискриминација и ЛАГ Агро Лидер, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди индиректна, интерсекциска и продолжена дискриминација кон жените индивидуални земјоделки како здравствени осигуренички во остварување на правото на надоместок на плата за време на отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство – право на платено породилно отсуство. Комисијата за спречување и заштита од дискриминација препорача на Министертвото за здравство да го измени Законот за здравствено осигурување со цел да ја отстрани системската дискриминација кон земјоделките. Иако од донесувањето на мислењето на Комисијата се изминати три месеци, Министертвото за здравство сѐ уште нема поднесено Предлог закон за измени и дополнувања на Законот за здравствено осигурување, со што Министетрвото го прекршува Законот за спречување од дискриминација непостапувајќи по препораките на Комисијата.

На 11 април 2023 година на прес конференција на Мрежата за заштита од дискриминација, пратеничките Маја Морачанин (ДОМ) и Рашела Мизрахи (ВМРО- ДПМНЕ) изразија поддршка на барањето за овозможување на платено породилно отсуство и боледување за земјоделците.

Ги повикуваме пратениците од сите политички партии на утрешната седница да го поддржат Предлог законот за измени и дополнување на Законот за здравствено осигурување. Потсетуваме дека:

  • Правото на платено породилно отсуство е уставно загарантирано право на работниците и жените кое произлегува од членовите 8 алинеја 8, член 9, член 34, член 35 ставови 1 и 2 и член 42 став 1 од Уставот;
  • Како последица на исклучувањето на земјоделките од ова право не само што се врши дискриминација забранета со домашното и меѓународното право, туку и директно се загрозува здравјето и благосостојбата на жените и децата од руралните средини (несакани абортуси, прерано прекинување на доењето, патолошки бремености, здравствени проблеми кај новороденчиња како последица на несоодветна исхрана итн.);
  • Речиси во сите европски држави со користење на различни модалитети е обезбедено и признато законско право на паричен надомест заради бременост и мајчинство на индивидуалните земјоделки;
  • Државата се обврзала да ја отстрани дискриминацијата кон жените во руралните средини и да овозможи платено породилно отсуство со серија на меѓународни договори како Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација кон жените на ООН и Конвенциите на Меѓународната организација на трудот;
  • Минималната плата е единствениот најмал износ со кој мајката и новороденчето би се издржувале во првите месеци од животот, средства кои се неопходни за лекови, средства за хигиена и храна за новороденчињата и кои ќе овозможат земјоделките да престанат со работа со цел грижа за детето кога му е најмногу потребна;
  • И други категории самовработени лица како адвокати, нотари, уметници, трговци поединци не се предвидени во Законот за работни односи, нити е предвидено да земаат плата како услов за остварување на правото на породилно отсуство. Овие категории самовработени лица се во иста ситуација со земјоделците и во однос на нив земјоделците се дискриминирани;
  • Неовозможувањето на платено породилно отсуство за жени од рурални средини кои се соочуваат со сиромаштија, непристапност на здравствени и социјални услуги, тешка физичка работа, немање градинки, уште поприсутвни патријахални норми според кои тие се единствено одговорни за грижата за домот и децата и се поизложени на родово засновано насилство, е нехумана и сурова политика која ги остава овие жени на маргините на општетсвото.

Скопје, 9.5.2023

 

Лица за контакт

Драгана Дрндаревска 078 200 675 [email protected]

Марина Тошеска 078 393 900 [email protected]

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content