Економија

Порамномерно да се инвестира низ целата држава

Издвоено од сторијата

  • Повеќето од градовите, освен Скопје, стагнираат поради што бизнисмените велат дека за економски раст се потребни инвестиции низ целата земја, како и подобро менаџирање на општините.

Како да се дојде до поголем економски раст на градовите и на општините надвор од главниот град, а особено на помалите општини. Дали нивниот економски напредок зависи само од средствата што од централно ниво им се префрлаат, или истиот тој може да се подобри и со подобро менаџирање на оптшините или, пак, со наоѓање средства од фондови? Несомнено е дека се неопходни промени бидејќи повеќето од градовите, освен Скопје, стагнираат поради што бизнисмените велат дека за економски раст се потребни инвестиции низ целата земја.

– Помалите општини имаат ограничени фискални потенцијали. Секако, како кај сите општини и кај малите има простор за подобрување на јавниот финансиски менаџмент и контрола, но сепак, нивната фискална јачина зависи од вертикалните трансфери, особено од блок-дотации. Обично вертикалната распределба и фискална децентрализација се инструмент за хоризонтална рамнотежа во регионалниот и во локалниот економски развој. Фискалната самоодржливост на краток рок не е можна за малите општини. На долг рок секако е можна преку утилизирање на потенцијалите преку проекти на локален економски развој, преку порационално користење на ресурсите како што се градежно земјиште, паркиралишта, пасишта, шуми, вода, селски и планински туризам, минерали и слично – вели Абдулменаф Беџети, ректор на Универзитетот на Југоисточна Европа.

Тој истакна дека сите парафискални приходи од типот на комунални такси, истакнување на фирма, такса за престој, разни други давачки од типот на надоместок за користење општински патишта преку регистрација на сообраќајни средства и други неданочни приходи треба да се планираат и да се користат исклучиво по систем или модел на алокација според изворот (RAM – Resource allocation model).
Беџети исто така нагласува дека до поголем развој на помалите општини може да дојде со вложување во капитални инвестиции, но пред сѐ во продуктивни.
– Надвор од Скопје имаме катастрофална економска ситуација. Со вакви мали буџети на општините залудно е да очекуваме поголема инвестициона активност, а без инвестициска активност на општините не може да има ни поголем пораст на БДП. Планираните капитални инвестиции мора да се реализираат 100 отсто, бидејќи тоа исто така е поврзано со економскиот раст и развој – кажа Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија

Бизнисменот Мендерес Кучи, пак, истакна дека кочница за развојот на локалните самоуправи е и начинот на кој се дели буџетот, бидејќи на едните им се дава повеќе, но и недомаќинското работење на општинските „татковци“.

– Проблематични се два сегмента, и начинот на кој се дели буџетот, но од друга страна секоја општина треба да има буџет и да се труди да обезбеди самостојно пари, а не да чекаат државата да им дели пари и да им покрива загуби. Имаме општини што воопшто не се добри менаџери, има дури и злоупотребени средства од буџетите на општините, а никој не одговара пред законот иако биле направени прекршоци, кои според законот се казниви дела. Сметам дека општинските татковци со општините треба да менаџираат како сопствениците на еден бизнис, да бидат внимателни да не навлегуваат во непотребни или неповратни трошоци. Треба да вложуваат во проекти што ќе овозможат подобра бизнис-клима – појаснува Кучи.

Тој нагласи дека општинските „татковци се најангажирани за вработување граѓани, кои во иднина ќе станат нивни гласачи“, додавајќи дека недостигаат конкретни планови за развој. Исто така додава дека ретко која општина користи финансии од фондови како ИПА, со кои може да се обезбеди поголем економски раст, но и нови средства во буџетот.

Извршниот директор на Стопанската комора на северозападна Македонија, Дриљон Исени, пак, додава дека нивниот ангажман како комора е за рамномерен регионален развој, кој влијае врз еднаквоста на можностите што им се нудат на бизнисите и граѓаните, за економски раст и општествена благосостојба во сите плански региони.

– Рамномерниот регионален развој и создавањето исти услови за сите индустриски зони во градовите би влијаеле во спречување на одливот на квалитетната и стручна работна сила. Ова е еден од основните механизми за задржување на младите генерации во земјата, кои ја претставуваат нашата иднина. Скопскиот плански регион е најразвиениот регион во Република Северна Македонија, што се однесува на аспект на инфраструктурата и условите за водење бизнис – додава Исени.

Тагови
Прикажи повеќе

Поврзани теми

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *