Политика

Испробан рецепт што се повторува пред секои избори

Се ближат избори, следува период на политичка растрчаност, која некои ја карактеризираат и како политички театар. По толку одржани изборни циклуси, земјава сега пред целиот свет треба повторно да докажува дека знае и умее да одржи демократски и слободни избори, без изборни нерегуларности и дамки, при што граѓаните ќе може слободно да ја изразат својата волја. Во секоја демократија изборите се нешто како празник на демократијата. Кај нас, по повеќе од 25 години практикување демократија и по толку многу одржани избори, се чини дека демократијата сѐ уште е само збор, без поголема суштина.

Таков впечаток се добива од репликите и обвинувањата што си ги упатуваат речиси секојдневно политичките субјекти од власта и од опозицијата.

Притоа како да стана некое непишано правило пред секој изборен циклус главно опозициските партии да излегуваат со тези дека се подготвува изборен фалсификат. Едни исти партии кога се во опозиција предупредуваат на фалсификат, а кога се на власт тврдат дека сѐ е регуларно. Ова се однесува и на ВМРО-ДПМНЕ, како сегашна опозиција, и на СДСМ, како поранешна опозиција. Тезите и обвинувањата се исти, се менуваат само актерите

Таква е и пораката што ја слушаме деновиве од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, со која се обвинува власта дека подготвува изборни нерегуларности, при што се доведува во прашање и капацитетот на државата да одржи фер и демократски избори. За овој феномен и синдром на основани или неосновани стравување од можни нерегуларности, пред секои избори, побаравме мислење од политички аналитичари.
На прашањето дали се основани овие обвинувања од опозицијата кон власта дека на Македонија ѝ претстои изборен фалсификат и како е можно да се случи тој кога во институциите што ги спроведуваат изборите, почнувајќи од ДИК, има членови на опозицијата што можат да го мониторираат изборниот циклус одблизу, професорот Јове Кекеновски коментира дека некои од обвинувањата на опозицијата на оваа тема се основани, а некои не.

– Со право опозицијата деновиве обвинува, бидејќи искуството со консултативниот референдум беше многу горчливо. Тоа е така бидејќи падна во вода институцијата Јавен обвинител во земјава, каде што и на толку многу сериозни докази и факти дека имало нерегуларности на минатиот референдум и тоа дека биле полнети кутии, до ден-денес ниту слушнавме ниту видовме дека нешто е преземено од институциите, а уште помалку дека е преземена некаква истражна мерка. Во најмала рака, јавниот обвинител не ги повика членовите на избирачките места ниту на разговор да ги праша како е можно за толку кратко време на референдумот луѓето да излезат во некои гласачки места во толкав број и за тоа време да гласаат. Очигледно таквата практика ќе продолжи и понатаму – вели Кекеновски.

Во исто време, претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Оливер Дерковски, во изјава за „Нова Македонија“, вели дека ДИК не е единствената институција во земјава што е надлежна за одржување фер и демократски избори. Според него, постојат и други институции од кои зависи регуларноста на секој изборен циклус, вклучувајќи го и претстојниот избор за претседател на Македонија.

– Државната изборна комисија прави сѐ за да се организираат фер и демократски избори во коректна атмосфера. Сепак, тука сакам да истакнам дека ДИК не е единствената институција што ќе влијае, односно е фактор за изборниот циклус во земјава. Во согласност со Изборниот законик, ДИК ги презема и ќе ги преземе сите обврски и надлежности што стојат на располагање. Верувам дека секој ја знае својата професионална и човечка одговорност за овој важен процес. Должни сме сите професионално да си ја завршиме работата – вели Дерковски, кој нагласи дека сите институции се должни да соработуваат со Државната изборна комисија.

Од друга страна, за политичкиот аналитичар Петар Арсовски обвинувањата на опозицијата за претстоен фалсификат на власта на претседателските избори се механизам со кој се подготвува ВМРО-ДПМНЕ да го бојкотира вториот круг од изборите, кој, според него, ќе биде со поразителен резултат за нив.

– Мислам дека нема голем простор да се верува на обвинувањата дека ќе има изборен фалсификат во земјава. Имавме такви најави дека СДСМ ќе го фалсификува референдумот, па сите меѓународни и домашни институции и организации што го мониторираа процесот дадоа позитивна оцена за процесот. Тие механизми за манипулација на изборниот процес веќе не се актуелни. Сигурен сум дека има некои минимални нерегуларности во помалите места, но тие не ја креираат финалната слика.

Во исто време, можно е ова да е и подготовка на ВМРО-ДПМНЕ за бојкот за вториот изборен круг на претседателските, бидејќи, според моменталните рејтинзи, довербата за нивната политика кај народот е минимална. Од друга страна, сакам да додадам дека доколку ВМРО-ДПМНЕ успее да докаже дека изборите ќе бидат наместени, има легитимно право да излезе и да ги објави своите наоди, но не и предвремено да се фрла црна дамка на претстојниот изборен циклус, кој е закажан за напролет – оценува Арсовски.

Тагови
Прикажи повеќе

Поврзани теми

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *