СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Култура

Промоција на „Записи“ од Каролина Мицевска

„Записи“ е новата книга од м-р Каролина Мицевска, со промоција на 6 декември 2022, вторник од 18.00 ч. во киното Мис стон, при ЦК „Марко Цепенков. Ова е втора книга од Мицевска, во која, преку три целини се отсликани настани во Прилеп, но и луѓе кои придoнесле за градот, луѓе кои биле во посета во изминатите 30 години.

–  Книгата е слика, мал исечок од она што сум го запишала низ годините. Таа, поделена во три целини – репортажи, интервјуа, други текстови, е потсет за едно време, состојби, луѓе. Се работи за одбрани новинарски текстови, објавувани во изминатите 30 години во весниците Нова Македонија, Народен глас, Зенит…., што ќе се читаат со задоволство, вели авторката Каролина Мицевска.

Промотор на новото дело на Мицевска е м-р Елизабета Арсоска, новинар која посочува меѓу другото дека Прилеп е вечна инспирација на авторката.

  -„Записи“ – oва едноставно име е најмалиот заеднички содржател на тридецениската новинарска авантура на Мицевска која одлучи на едно место да ги собере само најзначајните текстови со свој потпис. „Записи“ е ризница во која се грижливо одбрани новинарски бисери, меѓусебно неповрзани и објавувани во годините наназад, но чија вредност токму во ваква форма го достигнува максимумот. Текстовите жанровски се поделени на три целини од вкупно 60 наслови кои сепак носат ист печат, ист сензибилитет. Отскокнуваат од просечноста, го надраснуваат новинарскиот израз и се стремат кон повозвишеното. И во сите три дела е содржана убавината на пишаниот збор на Мицевска, нејзината страст кон патувањата и острото око коешто забележува детали, нејзината дарба да го извлече најактуелното и најинтересното од интервјуата и најмногу од се’, нејзината умешност да како роднокраен гласник, надалеку да се слушне за пелагонските природни и културно-историски убавини… И сите текстови напишани се со еден несекојдневен израз, баланс меѓу новинарската и креативната реч кои ретко кој пишувач може да го израмни. Речениците го надраснуваат стерилното новинарско изразување и се проближуваат кон книжевното, што најмногу се чувствува во првиот дел, во 20 наслови од репортажите. Плодот на новинарската инспирација која Мицевска ја доживува со сите свои сетила ја чувствува и ја пренесува, ја буди имагинацијата и на читателот. Нејзиното едноставно впуштање во авантура е автентично, едноставно и лесно. Го внесува читателот на интересни локации, некои малку познати, а други афирмирани дестинации во кои авторката повторно открива помалку познати факти. И на тие импресивни патувања, таа вешто успева да ја пренесе приказната на читателот без разлика дали станува збор за модерна европска метропола или за некое помалку заборавено прилепско село.  Прилеп е нејзина вечна инспирација и лајтмотив, но и Стибера, Зрзе, Дрен, Дервен, … Делови од текстовите во „Записи“, остануваат како трајна вредност и документ кои во годините што доаѓаат можат да послужат како извор за истражувачите. Тоа е и умешноста на Мицевска, што во својата пишана нарација успева да направи баланс меѓу објективното и субјективното и да го наведе читателот да го доживее моментот, вели Арсовска.

Каролина Мицевска е дипломиран новинар, м-р по комуникациски менаџмент и односи со јавноста. Работи како советник за односи со јавноста во НУЦК „Марко Цепенков“.

„Записи“ е втора нејзина книга. Првата беше стручна „Односите со јавноста, социјалните медиуми и јавното мислење“.

Низ годините била соработник  со текстови во повеќе монографии. Објавува трудови во ДНУ Прилеп,  учествува на меѓународни конференции, а реализирала и десетина самостојни и групни изложби на фотографии во земјава и во странство.

За промоцијата  на Прилеп во 2016 година ја доби наградата Трети ноември на град Прилеп.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Прочитај повеќе:
Close
Back to top button
Skip to content