Политика

Ја градиме Македонија да биде богата и современа држава

Интегрален текст од новогодишното обраќање на Зоран Заев

„Почитувани граѓани на Република Македонија,

Доаѓаме до крајот на една од најважните и најчувствителните години за нашата земја. Година на интеграциите.

Преку изградба на пријателство со соседот Грција, одговорно затворивме спор што Македонија ја влечеше надолу цели 27 години. Избравме иднина, наместо неизвесна изолација.

Денес, нашата држава е на чекор да стане 30тата членка на најмоќната алијанса во светот, НАТО.

Се подготвуваме за почеток на преговорите со Европската Унија, процес со кој градиме држава по европски стандарди и со што стануваме рамноправни со граѓаните од Европската Унија. Државноста се потврдува само во заедница со другите, а не во изолација.

Ја градиме Македонија да биде богата и современа држава, во која сите граѓани ќе имаат пристоен живот и благосостојба, за себе и за своите фамилии. Земја на инвестиции и модерна инфраструктура, земја на солидарност и заедништво, каде сите ќе се почитуваме меѓусебно и ќе си помагаме.

Почитувани граѓани,

Додека ја испраќаме 2018 година, во пресрет на деновите кога низ целата земја се собираат семејствата и пријателите за да се прослават празниците, да се подготвиме за моментите исполнети со радост, задоволство и просперитет на секој план. Направивме чекори кои овозможија сега тоа да зависи само од нас.

Да бидеме горди на тоа.

Затоа, иако предизвиците се големи, да се украсиме сите ние со храброст, одлучност и да ги направиме реалност нашите желби и цели – мирна и стабилна земја, во сојузништво и со членство во НАТО и ЕУ, глобална и праведна Македонија со економија која функционира за секого.

Во тој дух да го поддржиме и да му дадеме шанса на сонот на нашите генерации.

Ви посакувам успешна, економска и интеграциска година, добро здравје и ведар дух.

Среќна Нова 2019 година!“

Тагови
Прикажи повеќе

Поврзани теми

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Skip to content