Политика

Новогодишно обраќање на Претседателот Иванов

Новогодишното обраќање на Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов ви го пренесуваме во целост:
Почитувани сограѓани,

Доаѓањето на новата година кај секој од нас буди нови надежи, нови очекувања и копнежи за поубава, посреќна и безгрижна иднина.

Годината што измина сите сакаме што побрзо да ја заборавиме, а годината што доаѓа да биде година на остварување на сите наши желби и соништа.

Во овие моменти кога ја чувствуваме моќта на надежта и на радоста, се навраќаме на основните човечки вредности. Ја чувствуваме потребата да бидеме солидарни, хумани, чесни и праведни. Да се сакаме, да си простуваме и да се почитуваме.

Позитивните мисли што носат ведрина во овие празнични денови, треба да не водат во текот на целата година.

Но, да бидеме и доблесни да ги признаеме сопствените грешки и пропусти и да учиме од нив. Да бидеме храбри пред повикот на одговорноста и сите заедно да се посветиме и да градиме праведно општество засновано врз вистината, слободата и мирот. Само во успешна и просперитетна татковина ќе можеме да ги оствариме нашите  желби.

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Овие празнични мигови ви посакувам да ги поминете достоинствено и спокојно, со луѓето кои најмногу ве сакаат, почитуваат и чуваат.

Ви посакувам многу здравје, радост и среќа, и на секој предизвик да одговорите со мудрост и со добрина.

Ви посакувам да имате меѓусебно разбирање, доверба и многу љубов во семејството, со пријателите, соседите, колегите и со сите ваши сограѓани.

Од сè срце ви посакувам Среќна Нова 2019-та Година!

Тагови
Прикажи повеќе

Поврзани теми

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Skip to content