Здравје

Здравствениот систем ќе се зајакнува, потпишан Меморандум за соработка меѓу МЗ, ФИТР и Израелската амбасада

Едукација на доктори и медицински сестри кои работат во Итната медицинска помош (ИПМ), имплементирање нова технологија во смисла на телемедицина која на лице место ќе овозможи нивна комуникација со референтните центри, здравствените домови или со најблиската регионална болница и Клиничкиот центар, едукација во биомедицината, биостатистиката и клиничките испитувања, размена на експерти во сферата на трансплантацијата и ехо дијагностиката, како и опрема и материјали со кои ќе се подобри енергетската ефикасност на одредени здравствени институции, ќе се овозможи со Меморандумот за соработка, што денеска го потпишаа министерот за здравство Венко Филипче, израелскиот амбасадор Дан Оријан и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) Јован Деспотовски.

Министерот Филипче по потпишувањето на Меморандумот за соработка на прес-конференцијата во Владата рече дека вкупниот износ на проектот е 200.000 долари. Еден дел од средствата, посочи, се од Израел преку нивното Министерство за надворешни работи, а другиот дел е од Фондот за иновации и технолошки развој.

Тој додаде дека се надева оти со Меморандумот за соработка и со активностите кои ќе произлезат од него значајно ќе се зајакне здравствениот систем.

– Сите овие активности кои ќе почнат на крајот на јануари значајно ќе ги зајакнат капацитетите на здравствените работници и институциите, додаде Филипче.

Израелскиот амбасадор Дан Оријан изрази надеж дека активностите ќе почнат што побрзо и посочи дека партнерството ќе се развива во различни насоки.

– Потенцијалот за стратешко партнерство во здравствениот сектор е огромен, но мошне сум среќен што ќе почнеме да соработуваме со Фондот за иновации и технолошки развој. Веруваме дека во Израел може да биде мошне релевантно тоа што ние ги туркаме напред иновативните елементи на ова партнерство и се надеваме дека понатаму ќе имаме неколку заеднички проекти, вклучувајќи и проект за чист воздух заедно со Министерството за здравство и други министерства. Здравството е еден од најважните области во која можеме да соработуваме и во која можеме да најдеме заеднички јазик во ова партнерство, додаде Оријан.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски истакна дека Меморандумот за соработка ќе отвори врата за влез на иновации, на развој во еден значаен сегмент во оваа држава, а тоа е јавното здравство. Израел, нагласи, е една од топ три рангираните нации на глобалниот индекс на иновативност, што говори во која група земји припаѓа и каков партнер имаме. Потенцира дека втората работа е фактот што над 1.400 компании и научно-истражувачки организации во Израел работат на планот на јавното здравство и на биотехнологијата.

– Овозможуваме влез на една напредна нација со прогресивни идеи и технологии во еден сектор кој е особено значаен за сите граѓани. Областа на јавното здравство не е прва каде Фондот за иновации и технолошки развој воведува иновации. Веќе соработуваме и со министерствата за транспорт и врски, за финансии, а повеќе други државни институции веќе користат дел од механизмите што ги развива ФИТР, а се однесуваат на примена на иновациите во јавниот сектор. Наша цел е преку примена на иновациите во јавниот сектор да ја зголемиме ефикасноста на јавниот сектор и квалитетот на јавните услуги кои институциите ги пружаат на граѓаните, рече Деспотовски.

Додаде дека областа на јавното здравство и на биотехнологиите ќе биде еден од клучните во новиот научно-технолошки парк, кој ќе се формира на почетоот на идната година во Скопје.

Тагови
Прикажи повеќе

Поврзани теми

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Skip to content