Економија

Сет од 10 крупни реформи ги подобрија јавните финансии во 2018 година

Преку реформи на даночниот, пензискиот, социјалниот систем, системот на јавни набавки, фискалната транспарентност, спречување перење пари, како и менаџирањето на јавниот долг, во 2018 година има значително подобрување во јавните финансии во земјава, соопштуваат од Министерството за финансии.

Во соопштението наведуваат дека станува збор за сет од 10 крупни реформи направени годинава, кои според МФ ќе придонесат за постепено намалување на буџетскиот дефицит, контрола над јавниот долг, намалување на дефицитот во ПИОМ, сервисирање на наследените обврски и спречување на создавање нови, подобро насочување на социјалните трансфери до оние на кои им се потребни и поголема фискална транспарентност.

Со даночната реформа, направена годинава ќе се обезбеди фер даночен систем и постепена фискална консолидација. Пензиската реформа пак, ќе го стабилизира ПИОМ и ќе го намали дефицитот во Фондот. Направена е и реформа на социјалниот систем. Таа ќе овозможи гарантиран минимален приход, подобро таргетирање на социјалните трансфери, како и повеќе средства за најранливите категории.

-Јавниот долг е ставен под контрола. Ако во 2016 година јавниот долг изнесуваше 48,8 отсто, денес тој изнесува 48,2 отсто. Зголемена е довербата на инвеститорите, што влијаеше на намалување на каматната стапка и зголемување на рочноста на инструментите. Годинава е 30-годишна обврзница, како и најуспешната еврообврзница досега со историски најниска каматна стапка од 2,75 отсто. Фискалната консолидација се спроведува постепено во насока на одржливост на јавниот долг. И следната година дефицитот во Буџетот е проектиран на пониско ниво во однос на годинава – како процент од БДП, но и во апсолутен износ понизок, истакна во изјава за медиумите министерот за финансии Драган Тевдовски.

Тој посочи и дека системски е пристапено кон решавање на заостанатите обврски од претходната власт. Прво, како што рече, направен е закон и платформа за задолжителна евиденција на заостанатите обврски од страна на институциите, општините, фондовите. Потоа, пристапено е кон решавање на проблемот – голем дел од обврските се сервисирани. Министерот Тевдовски истакна дека направени се и законски механизми кои ќе спречат натрупување нови обврски.

Годинава преку новиот Закон за јавни набавки, системот за јавни набавки е усогласен со европските стандарди, со што ќе се овозможи поголема ефикасност и транспарентност во јавните набавки.

-Борбата против корупцијата се спроведува преку донесените мерки за спречување перење пари. Направен е нов закон, како и стратегија со НБРМ за безготовински плаќања. Подобрена е и функционалноста на системот за јавни финансии. Воведена е претпополнета годишна пријава, електронски систем за царинско работење и многу други мерки од кој директен бенефит ќе имаат граѓаните и фирмите. Континуирано се работи на подобрување на фискалната транспарентност, како најдобар механизам за контрола на управувањето на јавните финансии. „Граѓанскиот буџет“ доби веб-платформа, континуирано се објавуваат голем број на извештаи кои имаат и квалитативно подобри податоци. Наскоро и исплатите од трезорот ќе бидат достапни до широката јавност преку веб-платформа, соопштуваат од Министерството за финансии.

Тагови
Прикажи повеќе

Поврзани теми

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *