Култура

Активиран литературниот клуб „Калин“ во Кривопаланечката библиотека

Со реактивирање на постоечките членови и вклучување нови, локални писатели, читатели и љубители на пишаниот збор, во библиотеката „Кочо Рацин“ на Националната установа Центар за култура Крива Паланка започна активно да работи Литературниот клуб „Калин“, информира директорката на НУЦК Крива Паланка, Мира Ѓоргиевска.
Таа нагласи дека дваесетина членови редовно се состануваат и разменуваат информации за тековните книжевни случувања, творечки опус и планираат заеднички активности.
– Клубот периодов е со полна динамика на работа благодарение на свежата енергија која ја донесуваат членовите, одбрана група креативни, автори, поети, но и наивци – уметници, вљубеници во убавото, во добрата мисла и суштина на нештата, желни за споделување нови идеи и нови пишани стихови. На состаноците се разменуваат и импресии од прочитани книги, се препорачува литература и се планираат настани на кои ќе се претстави литература за пошироката јавност, изјави Ѓоргиевска.
Координаторот на клубот, Даниела Петровска од библиотеката „Кочо Рацин“ посочи дека годишната програма на установата  ќе биде збогатена со настаните кои членовите на „Калин“ ќе ги реализираат.
– Составот на членови  претставува разноликост на идеи и индивидуи со бројни квалитативни карактеристики, што веќе по неколку состаноци, кои се реализираат еднаш неделно, се родија идеи за по најмалку една месечна активност и настап или настан, а тоа ветува дека клубот ќе заживее во полн сјај, рече Петровска.
ЛК „Калин“ со свои претставници вечерва ќе биде застапен на ораторската вечер во средното општинско училиште „Ѓорче Петров“, Крива Паланка, а до крајот на годината предвидена е реализација на самостојна книжевна вечер.
Тагови
Прикажи повеќе

Поврзани теми

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Skip to content