Економија

Како да се создава и користи биогас

Како луѓето од агробизнисот органското ѓубриво да го претвортат во биогас, кој подоцна ќе се претвори во електрична енергија. Како училиштата да заштедат енергија и зошто е паметно да се користат сончеви колектори. Ова се само дел од бизнис-идеите кои студентите на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), вчера ги презентираа пред претставници од бизнис секторот. Хакатонот е посветен на развивање на идеите на студентите во насока на остварување успешни бизнис модели и планови во соработка со професори, директори од вликателни компании и личности од бизнис заедницата.

Тамара Марковиќ, студентка во четврта година на ФЕИТ и нејзината колешка од Машински факултет Елена Кочовска, презентираа труд во кој ги анализирале биогасните централи во Македонија.

-Кај нас има две централи, едната е во Битола на ЗК „Пелагонија“, а другата е „Везешари“, односно „Електрошари“ во Тетово. Презентиравме идеја како и другите луѓе од агробизнисот да се вклучат зашто тоа е инвестиција која многу брзо се враќа, а профитот е голем. Зборувавме со ментори од Израел од странски компании и дојдовме до идеја сите тие земјоделци да се групираат, искористувајќи го органското ѓубриво за создавање на биогас, кој подоцна ќе се претвори во електрична енергија – изјави Марковиќ.

Драгана Крстевска, исто така студентка на ФЕИТ, ја презентира својата идеја за енергетска ефикасност.

-Мојот труд е за енергетска ефикасност, за заштеда на енергија во училиште во рурална средина. Како во едно училиште изградено во 30 години на минатиот век, да имплементираме мерки со кои ќе се заштеди енергија и со кои ќе бидеме еколошки поефикасни. Тоа може да се направи со употреба на печки на пелети, со добра изолација, фотоволтаици, како и со промена на прозорци и на фасада. Овој проект може да се примени и на други институции, со што ќе се придонесе дополнително и во намалување на аерозагадувањето – истакна Крстевска.

Интересна анализа претставија студентките Ива Николова и Искра Јачева, кои се четврта година на насоката електроенергетика, автоматизација и обновливи извори на енергија при ФЕИТ.

-Нашиот труд се однесува на искуството од користење сончев колектор. Тој е поставен на куќа веќе две години. На годишно ниво за пресметка на ниска тарифа, што е 2,77 денари за киловат час, се заштедува 8.340 денари годишно. На висока тарифа, се добива заштеда од 16.600 денари на годипно ниво. Трошоци за инветиција е 50.000 денари. Времето на враќање на инвестицијата е четири години, животниот век на колекторот е 25 години , што значи дека во наредните 21 година, домаќинството ќе функционира со профит од 262.000 денари – рекоа Ива и Искра.

Организатор на настанот беше Американската стопанска комора во Македонија. Свои обраќања пред македонските студенти и професори имаа и двајца професори од Израел, проф. Абрахам Крибус од Тел Авив универзитетот, од департманот за обновлива енергија, како и неговиот колега Јаир Енгел кој работеше директно со студентите, со што им помогна да ги трансферираат нивните идеи во бизнис модели.

Ова се случуваше во рамки на студентската конференција за енергетска ефикасност на која целта беше да се разменат идеи меѓу студентите, професорите и претставниците од енергетските компании. Тоа е чекор напред во решавањето на проблемите од областа на енергетската ефикасност и одржливиот развој.

Тагови
Прикажи повеќе

Поврзани теми

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *