Економија

Македонските вина стануваат препознатливи на странските пазари

Македонија ги руши сите рекорди за извоз на вино на странските пазари, а за тоа сведочат и официјалните податоци.

Порталот „Лидер“ дојде до последните податоци на министерството за земјоделство кои покажуваат дека во 2013 има извоз на вино најголем до сега – 885. 331 хектолитри во вредност од 50 милиони евра. Ако се спореди просек за периодот од 2007 до 2012, лани извозот е за 48 отсто поголем според количина и 24 отсто според вредност.

Според експертите во винскиот сектор Македонија станува препознатлив бренд за вино со добар квалитет на странските пазари и за разлика од минатото кога најголем дел од извозоот беше наливното вино со многу пониска вредност, сега се пласира вино во шишиња со квалитет далеку подобар и од минатото. Анализите на ресорното министерство покажуваат дека извозот на вино во ЕУ е зголемен за 45  отсто, а просечната цена е зголемена за 10 евра по хектолитар во споредба со лани.

„Радува фактот дека е остварена примарната цел на сите програми и мерки на Владата и на Министерството за земјоделство за зголемена промоција и препознатливост на македонско вино. Како резултат на истите, во последниве неколку години најзначајно зголемување се забележува кај извозот на вино во шишиња, при што количината на извезено вино во шише од 2005 година од над 5,5 милиони литри е тројно зголемена и достигнува количини околу 17 милиони литри. Зголемувањето на извозот на вино во шише особено е забележително во земјите кои беа таргетирани во рамките на заедничкиот настап на македонските винарии на саемски манифестации финансиран и поддржан од страна на Мини9стерството за земјоделство и Владата – Германија, Русија и Кина“, велат за „Лидер“ од Министерството за земјоделство.

Извозот на вино во шишиња во овие земји бележи значителен пораст, и тоа во Германија (за три пати повеќе по количина и 2,8 пати по вредност), Кина (4,4 пати по количина и 3,8 пати по вредност) и Русија 3,7 пати по количина и 2,7 пати по вредност), покажуваат првичните резултати.

Освен рекордната количина и вредност, виното од Македонија постигнало највисока цена по единица производ во последните 10 години за вкупниот извоз на вино (наливно и во шишиња) од 56,32 евра по хектолитар.

Гледано по поединиечни земји, во Германија за пет пати е зголемена количината на извезено вино во шишиња, а за четири пати неговата вредност. Во Словенија за четири пати е зголемена количината на извезено вино во шишиња, а за три пати неговата вредност, Во Унгарија за четири пати е зголемена и количината и вредноста на вкупно извезеното вино. Во Романија за 2,5 пати е зголемена и количината и вредноста на извезено вино во шишиња.

Во Словачка за три пати е зголемена количината на вкупно извезено вино, а за 3,5 пати неговата вредност. Во Кина двојно е зголемена количината на вкупно извезеното вино, а за 3,6 пати неговата вредност, при што кај извезеното вино во шишиња е забележителен пораст од 10 пати по количина и 8 пати по вредност, Во Русија за 60 отсто е зголемена количината на вкупно извезено вина, а двојно е зголемена неговата вредност Во Канада двојно е зголемен извозот на вино и по количина и по вредност, и во САД тројно е зголемен извозот на вино во шишиња и по количина и по вредност.

Тагови
Прикажи повеќе

Поврзани теми

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *