СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Политика

Петровска во посета на САД

Министерката за одбрана Славјанка Петровска пристигна во неколкудневна посета на САД, каде ќе има бројни средби со високи претставници на американската администрација, вклучувајќи го и секретарот за одбрана на САД, Лојд Остин.

На средбата со американскиот секретар за одбрана Остин, како што најави Петровска, ќе стане збор за иднината, за предизвиците и за тоа како и двете земји да останат гарант на сигурноста и стабилноста на Балканот и на евроатлантската област.

„Ако нешто ја одвојува нашата земја и нашата политика од останатите, тоа е дека ние сме гласот на разумот и мудроста. Нашата политика отсекогаш се темелела на вредности и на можности, на отвореност и на искреност. Евроатлантските вредности се нашата водилка во носењето на секоја одлука и тоа нашите американски пријатели и поддржувачи вистински го ценат. Колебањето и одложувањето на носење политички одлуки не се одлика на лидери, и тоа само ја враќа земјата назад. Живееме во време со сериозни предизвици кога носењето државничка одлука е обврска кон татковината, а не добра волја“, рече Петровска.

Значаен дел од посетата е наменет и за одбележување на 30-годишнината од воспоставувањето на стратешкото партнерство помеѓу Армијата на Република Северна Македонија и Националната гарда на Вермонт. Во Берлингтон, министерката Петровска ќе посети неколку капацитети на Националната гарда на Вермонт, ќе има средба и со гувернерот на оваа сојузна држава, Фил Скот, а домаќин на делегацијата која го вклучува и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски ќе биде командантот на Националната гарда на Вермонт, генералот Грегори Најт.

„Со Националната гарда покажавме дека нашите војници се вистински сојузници, но и пријатели меѓу кои има взаемна почит и доверба. А, токму довербата може секогаш да отвори нови можности за соработка, развој и да даде нова енергија и амбиција за поголеми успеси“, истакна министерката.

Во САД предвидени се средби и во американскиот Стејт Департмент, како и посета на Агенцијата за безбедносно – одбранбена соработка на САД, и средба со нејзиниот директор, Џејмс Хрш.

Делегацијата ќе го посети и Универзитетот Норвич, каде ќе се разговара за продолжувањето на соработката на овој најстар приватен воен колеџ со Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content