Здравје

Детската кардиохирургија се сели во приватна болница

Детската кардиохирургија заминува од скопските клиники. Најдоцна за еден месец, кардиохируршкиот тим операциите на срце кај деца ќе ги прави во хируршки сали на приватна болница. Министерот за здравство вели дека се при крај преговорите за јавно приватно партнерство кое според него било во интерес на барањата на пациентите. Како и досега, здравствените услуги ќе ги покрива Фондот а приватната здравствена установа за тоа годишно ќе зема околу еден милион евра.

– Секогаш се обидуваме да излеземе во пресрет на граѓаните, а кога ќе ги проверите анкетите, ќе видите дека тие пред се ги фаворизираат приватните болници, поради условите таму. Не може да се излезе во пресрет на сите барања, но децата ни се приоритет. Секаде каде што има простор да се спојат приватното здравство и државното здравство за да се подобрат условите, има логика да ги разгледаме овие модели, изјави Венко Филипче, министер за здравство

Лекари коментираат дека со селењето на 25 члениот кардиохируршки тим, Детска хирургија ќе ослаби со кадар и за интензивна нега ќе доаѓа персонал од КАРИЛ. Но министерот за здравство вели дека во игра била и дополнителната дејност, преку која можат да работат и на клиника и во приватна болница. Инаку годишно има околу 60 интервенции на срце кај деца.

– Функционираме без застој, еве сега после пресот одам на операција. Немаме проблеми, вели Владимир Чадиковски, детски кардиохирург.

Филипче уверува дека пациентите нема да плаќаат ништо дополнително а тие ќе прават контроли за да нема злоупотреби од приватната болница. Освен за детската кардиохирургија, здравствените власти планираат јавно приватно партнерство и за Брза Помош.

Тагови
Прикажи повеќе

Поврзани теми

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Skip to content