Култура

Бесплатен центар за инклузија на децата со посебни потреби

„Дружење без граници“ е проект на пет ученици од училиштето САБА од Скопје преку кој ќе се отвори дневен центар за едукација, забава и социјализација за ученици со посебни потреби од основните и средните училишта од Скопје. Проектот победи на UPSHIFT повикот за социјално претприемништво, организиран од CEED Hub Скопје, а поддржан од Фонд за иновации и технолошки развој и Уницеф.

Инклузијата на ученици со посебни потреби во секојдневниот живот, во училиштето и општество е многу важен дел од нивниот развој. За жал, по часовите тие ученици немаат простор и место каде што можат да се дружат, да се социјализираат, забавуваат и креативно да се изразуваат. Тоа многу често може да доведе до проблем на несоцијализација. Во Скопје, па и во Македонија, не постои центар каде што овие деца би можеле неколку пати во неделата, во нивното слободно време, да дојдат, да учат преку игра и забава и да се дружат заедно со други деца. Исто така, тие ученици во слободно време не можат да одат на курсеви по јазици, спортување или некое друго хоби, бидејќи такви специјализирани курсеви нема.

Ова е голем проблем и за родителите/старателите кои се соочуваат со потешкотии на социјализирање на нивните деца и изнаоѓање начини како тие деца да го поминуваат слободното време.

Затоа одлучивме преку нашиот проект да создадеме еден центар кој ќе се вика „Дружење без граници“ во кој ќе им овозможиме на децата со посебни потреби од нашиот град, да дојдат да се дружиме, да играме разни игри, да научиме нешто заедно и да се забавуваме.

Центарот ќе го водат учениците од ова училиште креатори на овој центар заедно со нивниот ментор и дефектолог.

Центарот ќе започне да работи на 3-ти декември 2018. Првата работилница ќе започне во 19 часот. Работилниците ќе се одржуваат во просториите на училиштето САБА.

Центарот „Дружење без граници“ ќе работи 2 пати неделно во попладневните часови и ќе овозможи голем број на деца со посебни потреби да доаѓаат и преку различни игри и методи на неформално образование да се запознаат помеѓу себе и да научат нови работи од секојдневниот живот.

Ова се дел од активностите кои ќе бидат дел од нашиот центар:

– Тим билдинг активности за развој на тимскиот дух

– Учење преку игри и квизови

– Изработка на проекти преку кои ќе се учат нови работи од областа на општеството, културата, географијата, историјата и слично.

– Кратки глуми на различни теми за развивање на драмски способности. – Гледање филмови поврзани со одреден период од годината или празник.

– Учење танци од различни култури.

– Заедничка прослава на родендени

– Во зависност од периодот од годината ќе се организираат работилници на кои ќе се изработуваат различни производи (честитки, новогодишни украси, мартинки, накит, ќе се цртаат слики и слично). Производите ќе бидат изработени од самите ученици. Неколку пати во годината ќе се организираат базари на кои изработените производи ќе бидат изложени со цел родителите на децата кои ќе го посетуваат центарот, нивни пријатели, роднини или наставници да може да видат што тие сработиле и да ги купат производите по симболична цена.

Сите заинтересирани за учество во работилниците може да се пријават на: 077/877- 697

Тагови
Прикажи повеќе

Поврзани теми

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *