Спорт

Завршни подготовки на ракометарките за мундијалските квалификации

Женската ракометна репрезентација на Македонија ги одработува завршните подготовки за Мундијалскиот квалификациски турнир што од петок до недела ќе се игра во Скопје.
Македонија е домаќин на четвртата квалификациска група за обезбедување пласман во баражот за СП што ќе се одржи во Јапонија кон крајот на ноември и почетокот на декември следната 2019 година.
Противници на нашата женската репрезентација ќе бидат Азербејџан, Исланд и Турција.
„Репрезентацијата веќе подолго време е во истиот состав, со исклучок на три до четири ракометарки кои се од помладата генерација. Сакаме да одиме едно скалило погоре. Противниците воопшто нема да ни бидат наивни. Тешко е да се прогнозира што ќе биде“, вели селекторот Симе Симевски.
Засега се тече според планот на селекторот Симевски кој на располагање има 21 ракометарка од кои дури 14 настапуваат низ европските лиги, но Симевски беше принуден да направи замена, па не место на повредената Марија Гајиќ повикана е Наташа Нолевска која настапува во Данска.
Првиот натпревар нашите ракометарки ќе го одиграат во петок, против Азербејџан од 18 часот, а во истиот термин, ден подоцна (сабота) ќе играат против Исланд. Квалификацискиот турнир црвено-жолтите ќе го заокружат во недела со средбата против Турција која ќе се игра во вечерниот термин од 20 часот.
Првопласираната репрезентација од квалификациската група ќе обезбеди учество во бараж натпреварите (втора фаза ) кои ќе се играат во јуни 2019 година како и втората најдобро рангирана селекција од сите четири групи.
Квалификациските натпревари ќе се играат во СЦ „Борис Трајковски“ , а влезот за сите ќе биде слободен.
Тагови
Прикажи повеќе

Поврзани теми

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Skip to content