Култура

Триумф за Полска на детскиот Евросонг 2018

Во арената „Минск“ во белоруската престолнина денеска се одржа 16. издание на детската Евровизија, во чии рамки се натпреваруваа рекорден број од 20 земји. Нашата земја, која учествува во натпреварот од самиот почеток во 2003 година, овој пат ја претставуваше 13-годишната Марија Спасовска со песната „Дома“, потпишана од авторите Дарко Димитов иЕлена Ристеска.

Емотивната балада беше меѓу омилените на евровизиските обожаватели, но сепак не успеа да добие доволно поддршка за да победи на фестивалот, ниту да го собори досегашниот рекорд од највисокото освоено 5. место (2007 и 2008). Имено, нашата Дома“ од стручните жирија доби 64 поени, а од публиката 35, така што со вкупниот збир од 99 поени го освои 12. место,што за нашата земја е дури осми пат да заврши на оваа позиција, од вкупно 14-те учества на фестивалот.

Табела со гласовите само од стручните жирија

Од стручните жирија Македонија ги доби следните поени: по еден поен од Русија, Белорусија и од Италија, по два поена добивме од Украина и Австралија, 4 поени од Велс, 5 од Ерменија, по 7 од Франција и Полска, 10 поени од Албанија и со по максимални 12 поени нè наградија Србија и Казакстан. Македонското жири, пак, своите гласови ги даде за: Албанија (1), Србија (2), Полска (3), Малта (4), Грузија (5), Франција (6), Австралија (7), Казакстан (8), Украина (10) и Италија (12).

Откако беа објавени гласовите од жирија, на ред дојдоа оние од публиката, која гласаше онлајн изминативе два дена. Милионите гласови од гледачите беа претворени во поени, започнувајќи од дваесетина до над сто, така што неизвесноста беше голема до самиот крај, кога победата ја понесе полската претставничка Роксана Венгиел, чија песна „Anyone I Want To Be“ освои вкупно 215 поени.

На второто место се пласираше Французинката Анжелина со темата „Jamais Sans Toi“ (Никогаш без тебе), што е одличен пласман ако се има предвид дека земјата годинава учествува само по вторпат откако се врати во натпреварот по пауза од 12 години, а на третото место заврши фаворитката на жиријата – Австралијанката Џаел со темата „Champion“.

Финална табела со поени

Без оглед на крајниот резултат, нашата Марија имаше навистина спектакуларен настап во Минск, а многумина прокоментираа дека оваа моќна балада беше соодветна дури и за големата Евровизија. За сето тоа да биде одлично поставено на сцена се погрижи режисерката Љупка Јакимовска, која се погрижи „Дома“ да изгледа како бајка.

Честитки за целиот тим што работеше на ова можеби најдобро претставување на нашата земја досега, а како изгледаше и звучеше Марија на евровизиската сцена во Минск дознајте во продолжение. Уживајте!

Тагови
Прикажи повеќе

Поврзани теми

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *