Локално

Почна исплатата на откупениот тутун

Прилепскиот тутунски комбинат денеска ја почна исплатата на откупениот тутун. Комбинатот го почна откупот во понеделникот на градскиот пункт, а од вчера откупува на уште 24 пункта низ земјава.

Според државниот земјоделски инспекторат, допрва почнува интензивирањето на откупот. Четири компании досега откупија 100.000 килограми тутун по просечна цена од 212 денари.

– Откупните пунктови ги отвораат осумте откупувачи, а фирмата „Мисиријан“ од Струмица најави дека наскоро ќе достави гаранција за обезбедените средства. Нема проблеми во текот на откупот и очекуваме во наредниот период да се интензивира. Досега, четирите откупни компании кои први почнаа, „Пашоски“, Прилепскиот тутунски комбинат, „Кавекс“ од Неготино и „Алијанса“ од Каварарци, откупија 100.000 килограми тутун со просечна цена од 212 денари за килограм. Очекуваме така да се движи просечната цена, вели директорот на Државниот земјоделски инспеторат Благој Индов.

Тутунарите се уште чекаат времето „да смекне“ за домашната манипулација на тутунот, но инсистираат дека треба да се зголемат откупните цени, посебно на третата класа и да нема висок процент на одбитоци, како и реална процена на родот

Производителот Раман Арсланоски својот род од 600 килограми го донесе за откуп првиот ден и дојде во филијалата на Тутунска банка да си ги подигне парите. Вели, годинава е послаб квалитетот зашто беше врнежливо, имаше невреме со град, но најбитно е реално да се проценува родот.

– Тутунот, во просек ми помина по околу 220 денари за килограм. Треба реално да се цени, да нема префрлање од една во друга класа. Навистина, послаб е квалитетот зашто имаше дожд, тутунот израсна голем, а имаше и нешто скапано. Мора да се сади тутунот зашто е егзистенција. Добро е што ќе се укинат евидентните листови и догодина да склучуваме директно договори со откупувачите, без административни проблеми и оддолжувања, изјави Арсланоски.

Тагови
Прикажи повеќе

Поврзани теми

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *