Економија

Стопанските комори против најавеното прогресивно оданочување

Ако прогресивното оданочување се реализира, ќе има негативни последици врз целата бизнис заедница. Значително ќе се зголеми сивата економија и ќе се нарушат условите под кои ќе се одвива целокупната економија во државата. Станува збор за сериозна промена на даночниот режим со кој се создава нов систем на обврски неполни два месеца пред крајот на годината, кога најголем дел од деловните субјекти веќе ги имаат направено планирањата за следната фискална година, е ставот на членовите на Платформата за јавно – приватен дијалог: Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Стопанска комора на северозападна Македонија и Сојуз на стопански комори на Македонија.

Коморите сметаат дека со предложените измени во даночниот систем се усложнува работењето на компаниите.

-Стопанските комори се согласни дека изразениот став е јасен и недвосмислен и дека е неопходно да се земе предвид при креирање и ревидирање на националните политики. Врз основа на спроведеното истражување, тие испратија и официјален Позициски документ до Владата и сите надлежни министерства. Со овој документ излегоа со заедничко барање за одложување на најавените даночни реформи за воведување прогресивно оданочување, за најмалку пет години. Воедно, стопанските комори и натаму повикуваат на конструктивен дијалог за заедничко креирање на сите политики што ја засегаат бизнис заедницата за да се избегнат непоправливите штети што би можеле да му се нанесат на македонското стопанство како резултат на избрзани одлуки во кои не се земени предвид сите релевантни фактори, стои во соопштението од Проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива.

Изминатите неколку месеци членовите на Платформата за јавно – приватен дијалог спроведоа заедничко истражување по однос на најавеното прогресивно оданочување и можните последици врз развојот на македонската економија. Истражувањето беше спроведено со голем број домашни претпријатија. Дополнително беа организирани две фокус групи, со цел да се изготви сеопфатна анализа на ставот на бизнис заедницата и да се дадат конкретни препораки до Владата кои би ги дефинирале понатамошните чекори за решавање на ова прашање.

Тагови
Прикажи повеќе

Поврзани теми

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *