Култура

Бајката за деца „Петре и волкот“ во МОБ

На 18 ноември (недела) во Македонската опера и балет во 11 часот, ќе биде изведена една од најпопуларните оркестарски бајки за деца – „Петре и волкот“ од рускиот композитор Сергеј Прокофјев. Под диригентство на младиот, но веќе искусен диригент Ангел Спироски, свитата ќе ја изведе реномираниот ансамбл „КонТемпора“, а низ приказната најмладите ќе ги води актерот Дејан Лилиќ, во улога на наратор.

„Петре и волкот“ е музичка бајка во која наратарот ја раскажува приказната, додека оркестарот ја илустрира со различни музички инструменти. Свитата е напишана за наратор и оркестар, чии поединечни инструменти или групи на инструменти ги претставуваат ликовите во приказната. На тој начин, младите слушатели се запознаваат со составот на оркестарот. На пример, во „Петре и волкот“ флејтата е птица, обоата е патка, кларинетот е мачка, фаготот е дедото, гудачките инструменти се Петре, итн.

Всушност, приказната го следи младиот Петре кој поминува некое време во куќата на својот дедо која, пак, е сместена во шума. Еден ден тој несакајќи ќе ја остави вратата од дворот отворена, и покрај тоа што дедото ќе го предупреди да не го прави тоа, бидејќи во шумата живее опасен волк. Петре во тоа нема да верува, но кога навистина ќе се појави волкот, тогаш почнува неговата авантура, обидувајќи се да го фати…

Концертот е во организација на Сојузот на композиторите на Македонија, а билетите по цена од 150 денари се продаваат на билетарницата на МОБ или онлајн на веб-страницата www.kupikartizase.com.

Тагови
Прикажи повеќе

Поврзани теми

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *