Спорт

Прво место за танчарите со даунов синдром

Танчерите со Даунов синдром од танцовото студио „Денсерс јунајтед“ го освоија првото место во пара- категорија на Светското првенство во хип-хоп танци. Екипата составена од Ана Беќароска, Моника Бисовска, Ена Митревска, Александар Матовски, Оливер Блажевски, Христијан Стојанов и Дарко Ефтимовски денес во Киелце во Полска на Македонија и донесоа златен медал.

Нивните тренери и ментори Сара Кочан, Нермин Кочан и Виолета Балшевска велат дека Ана, Моника, Ена, Александар, Оливер, Христијан и Дарко се вистински амбасадори на нашата држава и дека уште еднаш докажаа дека кога ќе им се даде шанса можат и умеат да го направат невозможното – возможно.

„Среќна сум за првото место“, вели Мони.

Кико вели дека дека е презадоволен и дека има планови за нови победи во иднина.

„Се чувствувам многу убаво, ми се исполни желбата да бидеме први. Неизмерна радост е да се биде прв во светот и да се слушне химната на мојата држава во толкава сала и помеѓу толку држави. Сите сме пресреќни и сега славиме!“, вели Ана.

Дарко вели дека кога на разглас кажале дека се први чувството било преубаво и срцето му се исполнило со радост. Цако вели дека многу му е убаво што се прваци, а Оли вели: „Јас го носев бројот и го земав пехарот“.

„Ова е одлично крунисување на нашата работа и на овие танчери , но ние не застануваме тука. Нѐ чекаат уште многу проекти и натпревари. Не можам да се заситам со оваа среќа и среќата што моите танчери ја доживуваат и споделуваат со сите околу, па затоа ова е само почеток“, вели Сара Кочан, една од тренерите во „Денсерс јунајтед“.

Овие танчери веќе пет години рушат бариери и освојуваат европски и светски медали во различни категории. Тие ги држат титулите Европски шампиони во латино шоу јуниори, а тие се и европски шампиони во повеќе пара категории освоени годинава во мај.

Лани на Светското првенство во модерни танци што се оддржа во Копенхаген го освоија третото место.

Тагови
Прикажи повеќе

Поврзани теми

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *