Локално

Одбележана 17-годишнината од масакрот кај Карпалак

Со панихида и положување на букети свежо цвеќе во месноста Карпалак, се одбележа 17 -годишнината од загинувањето на десетте прилепски бранители. Лицата кои го преживеаа нападот и бранителите кои учествуваа на чествувањето, и годинава се пожалија за игнорантскиот однос на државата кон луѓето кои ја бранеа Македонија во 2001 година.

И годинава на загинатите прилепски бранители кај месноста Карпалак им се оддаде почит на малата спомен плоча поставена на банкината од Автопатот Тетово – Скопје, каде се испишани имињата на десетте загинати војници. Возачот на автобусот, Ацо Јовановски  кој беше дел од конвојот подмолно нападнат вели дека секоја година бараат на местото на масакрот да се изгради достојно обележје, како што тој го нарекува Споменик на цвеќето.

Голем дел од бранителите и на 17 годишнината од масакрот изразија незадоволство од државнтие институции, кои ги заборавиле бранителите , затоа што голем дел од нив се невработени без денар, а не се ни здравствено осигурани. Стојанче Ангелов кој присуствуваше на настанот како владин преставник рече дека централната власт ќе го разгледа барањето за изградба на споменик на Карпалак, ако некој поднесе таква иницијатива. Во меѓувреме како што рече, владата работи да им излезе во пресрет на останатите барања на бранителите.

И покрај игнорантксиот однос на државата кон бранителите, од Одборот на бранители велат дека тие не треба да се откажат од чествувањето на трагичните настани.

Крвавиот масакр кај месноста Карпалак се случи на денешен ден пред 17 години. Конвојот на АРМ кој се движеше кон Тетово со ракетни фрлачи и автоматско оружје беше подмолно нападнат од заседа од страна на паравоените албански формации. При тоа беше погодено едно транспортно возило на АРМ, во кое беа припадници на војската, сите од Прилеп и прилепско.

Тагови
Прикажи повеќе

Поврзани теми