Култура

Заврши 17. ИФАД „Стоби“ 2018

На древната сцена во античкиот амфитеатар синоќа со доделување на наградите заврши 17. Интернационалниот фестивал на античка драма  „Стоби“ 2018.

Со Гран при за најдобра драма е наградена претставата „Ардалион“ античка мимодрама чиј автор и режисер е Жираир Дадасјан во продукција на Ереванскиот државен театар на пантомина од Ерменија. Според образложението на жирито на фестивалот, со кое  претседаваше познатиот руски режисер Николај Круглов, и членовите актерот Мето Јовановски и  театрологот Ана Стојановска, наградата се доделува заради извонредната актерска сценска визура според автентичните принципи на античката мимодрама.

Наградата за најдобра машка улога ја освои Бекназар  Избасаров за ролјата на Сенека во претставата „Нерон и јас“ во изведба на Жамбилскиот регионален  руски драмски театар од Казахстан. Според образложението, наградата му се доделува за прецизната актерска игра базирана на консеквентното градење на улогата.

Наградата за најдобра женска улога и е доделена на Соња Михајлова за улогата на Јулие Цезар во истоимената претстава од Вилијам Шекспир во режија и сценска адаптација на Златко Паковиќ, а во изведба на Народниот театар од Битола.

Наградата за најдобар млад актер ја доби Ирена Илиевска за улогата на Лисистрата во истоимената претстава од Аристофан во режија на Хакоб Газанчјан, а во продукција на Народниот театар од Велес. Заблагодарувајќи се за наградата, Илиевска пред присутните изјави дека ова и е трета соработка со велешкиот театар, но прва што ја играла на сцената во античкиот театар и прва награда воопшто.

Специјална награда од жири комисијата доби претставата „Кралските копилиња“ авторски проект на Сашо Димовски во продукција на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес. Според образложението, наградата се доделува за современиот сценски израз конципиран врз лабораториски истражувања.

– Претставата покажува драматуршка, режиска и сценска естетик, која претендира да постави нови стандарди на модерниот македонски театар, преку драматуршкиот модел базиран на истражување на познатиот митски комплекс за Арг. Дигиталните скулптури, уникатната аудио визуелна естетикаи, пред се, инкретичниот спој  на актерската корео игра, оваа претстава покажува на кој начин се третира античката парадигма денес. Со претставата дојдоа до израз ексклузивните технички можности на големата сцена на велешкиот театар, се вели во образложението на наградата.

Инаку жири комисијата одлучила годнава првпат од постоењето на фестивалот, да не додели награда за најдобра режија.

Во чест на наградените репризно беше изведена претставата „Лисистрата“ на велешкиот народен театар, која премиерно беше одиграна на отворањето на ИФАД „Стоби“ на 19 јули. Фестивалот, годинава понуди пет претстави.

Тагови
Прикажи повеќе

Поврзани теми