Здравје

И овој месец во аптеките нема доволно лекови на рецепт

Има уште седум дена до крајот на месецот, но во аптеките лекови на рецепт нема. Веќе подолг период пациентите се на мака да шетаат по десетина километри или пак приватно да ја купат неопходната терапија. Најтешко им е на хронично болните и повозрасни граѓани, кои лекарите ги советуваат дека мора редовно да ги пијат лековите што им ги пропишуваат.

Нема лекови, мора приватно да ги купиме, што да правиме, реагираат граѓани

Проблемот со квотите во аптеките и немањето на лекови после 15-ти во месецот трае од јануари годинава. Оттогаш има и работна група во која покрај фондовски претставници има и членови од  Фармацевтската Комора и кои бараат нова формула за распределба на парите. Иако Сител побара став од Фондот како ќе ги делат квотите и што покажала анализата на аптеките, одговор од менаџерите не добивме. Пред еден месец и министерот за здравство во изјава за Сител најави дека се на прагот за изнаоѓање на соодветно решение во координација со ФЗОМ, но на терен нема ништо ново.

Планираме нов механимам на исплата на аптеките, наместо досегашниот по исплата на рецепт да го смениме во основ по остварената квота во тековниот месец. При крај сме со решение и се надевам дека во таа задничка работа со Фондот ќе успееме да го имплементираме набрзо решението, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Распределба на квоти согласно местоположбата на аптеката, гравитацијата на население, вработениот кадар и нивната стручност се дел од решенијата, кои, како што дознаваме ги бараат фармацевтите во новото решение, за да биде надминат овој сериозен проблем и за пациентите и за аптекарите. Но додека надлежните преговараат на граѓаните им останува да шетаат од аптека до аптека барајќи ги неоходните лекови.

Тагови
Прикажи повеќе

Поврзани теми