Спорт

Заврши Светското и Европско првенство во змејарство во Крушево

Крушево уште еднаш потврди дека е една од топ 5-те дестинации за развој на параглајдерството и змејарството во светот. Успешно заврши 20-тото европско и 8-мото светско првенство во змејарство на кое учествуваа 125 пилоти од 33 држави. Први во поединечна и екипна конкуренција беа Италија во класа 1 и Австрија во класа 5. Учесниците се восхитени од условите кои ги нуди Крушево за летање.

„Јас сум победник на Светското првенство, многу сум среќен. Крушево е фантастично место за летање, конкуренцијата беше силна како и секогаш“, истакна Александро Плонер, учесник од Италија.

„Ова место е едно од најдобрите за летање во светот, безбедно е, немавме никакви несреќи иако летавме со денови. Среќни сме за освоеното прво место во нашата класа. Тука има многу забава, луѓето се прекрасни, многу ми се допаѓа Македонија“, рече Волфганг Котхгасер, учесник од Австрија.

Организаторите, Македонската воздухопловна федерација, истакнаа дека се особено горди затоа што на ова првенство се постигнале одлични резултати.

„Во една трка се прелетаа 200 км. Тоа во светски размери можеби не е толку импресивно, бидејќи истите луѓе се способни да прелетаат 400 или 500 км. Но тоа го прават во Австралија или Нов Зеланд каде што се лета само со ветерот, а ние успеавме тоа да го постигнеме тука во Пелагонија, трки кои се многу потешки“, изјави Горан Димишковски, директор на натпреварот.

„За Крушево ова значи голема обврска да поддржи, да прифати и да организира вакви напревари и да ја донесе светската елита на слободното летање“, истакна Владимир Бараковски, претседател на Македонската воздухопловна федерација.

За Крушево ваквите натпревари значат одлична промоција во светот.

„Во наредниот период не очекуваат уште 5 до 6 меѓународни натпревари, значајнии за Крушево и за Општината, со тоа Крушево продолжува да живее преку 4-те сезони во текот на годината“, потенцираше Томе Христоски, градоначалник на Крушево.

Параглајдинг туризмот и змејарството придонесуваат Крушево да има посетители преку целата година.

Тагови
Прикажи повеќе

Поврзани теми