Спорт

Проект „Променете го начинот на размислување-Спорт за сите“

Националната федерација за спорт и рекреација на инвалидите на Македонија – Македонски параолимписки комитет денес ги промовираше заклучоците од проектот „Променете го начинот на размислување-Спорт за сите“, во рамките на Ерасмус + спортската програма на Европската Унија, чија цел е да се промовира потребата од спорт и телесна активност за лицата со ивалидност како здрав начин на живот и можност за социјална инклузија во општеството преку спортот. Проектот трае 18 месеци, од 1. јануари 2017 до 30.06.2018 година.

Во рамките на проектот беа преземени бројни активности, од првични состаноци на кои беше подготвен тренинг модулот за спроведување на проектот, преку комуникација со младите лица со инвалидност, нивните родители и членови на семејства, семејните лекари и професорите по физичко образование од основните и средни училишта за активно вклучување во проектот, па се до избор на експерти од неколку области како едукатори на тематски работилници за што имаа за цел да подготват соодветни презентации комплементарни со усвоениот тренинг модул.

На 16 март беше одржана тркалезна маса со претставници на невладиниот сектор, здруженија кои го организираат спортот на лицата со инвалидност. Присуствуваа 36 лица од 24 невладини организации, од кои 19 кои го организираат спортот на лицата со инвалидност. Беа детектирани најголемите недостатоци за помасовно и непречено вклучување на младите лица со инвалидност во спортско-рекреативни активности и тоа:  непристапност на спортските објекти заради архитектонските бариери, недостаток на опрема и специфични спортски реквизити, недостаток на прилагоден јавен превоз, градски и меѓуградски, недостаток на посебни образовни програми за работа на часови по физичко образование со деца и младинци со инвалидност, недоволно едуцирани тренери за работа со спортисти со инвалидност и недоволно финансиски средства.

Адекватни мерки за надминување на овие состојби беа предлжени од страна на претставниците на институциите на РМ на 27.03.2018 година на тркалезна маса на која  учествуваа: министерот за труд и социјална политика, Мила Царовска, директорот на Агенција за млади и спорт Дарко Каевски, повеќе раководители на сектори,  пратеници во Собранието на РМ, советници и други компетентни лица. За подобра инклузија на младите лица со инвалидност во телесни активности се донесоа следните заклучоци: да се воспостави база на податоци за лицата со инвалидност, Министерството за труд и социјална политика да ја зајакне поддршката за социјална инклузија на младите лица со инвалидност преку физичка вежба и спорт, со поддршка на соодветни програми, Агенцијата за млади и спорт да продолжи со финансиската поддршка за врвните спортисти со инвалидност, -ЗЕЛС да упати апел до единиците на Локалната самоуправа, по примерот на градот Скопје, да определат пристапни училишни спортски сали, опремени со потребни реквизити и специфични справи за непречено вежбање и тренирање на младите лица со инвалидност, Факултетот за физичко образование, спорт и здравје да воведе дополнителна едукација за своите студенти за пристапот и методите во работа со различни видови и степени на инвалидност во одделни спортови, институциите да поддржат и иницираат кампањи, јавни настапи и трибини за подигање на свеста за потребите на лицата со инвалидност од телесна активност и нивна социјална инклузија во општеството преку физичката вежба и спортот, доследно почитување на законските одредби во сите области, а особено нормативите за непречена пристапност и градење на опкружување еднакво за сите, вклучување на разни профили на стручни лица (тренери, психолози, педагози, специјални едукатори, лекари, физиотерапевти, нутриционисти) во тимови кои ќе работат на вклучување на младите лица со инвалидност во физичка вежба и спорт;

Во месец март 2018 година беа одржани тродневни стручни предавања и мотивациски говори за потребата од вклучување на младите лица со инвалидност (на возраст од 15-29 години) во рекреативни спортски активности и подигнување на јавната свест за потребите од физичка активност како основа за здрав начин на живот. Едукациите беа наменети за младите лица со инвалидност (15 до 29 години возраст),нивните родители и членови на семејства, матичните лекари, лекарите од општа и училишна медицина, студенти на медицински факултет, како и за наставниците по физичко образование спорт и здравје, кинезиолозите и студентите на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје. Предавачи на тридневните стручни предавања беа: Д-р спец. Елвис Алексовски, анестезиолог и реаниматолог, претседател на Комисија за здравство и анти-допинг при Македонскиот параолимписки комитет, Проф. д-р Горан Никовски, професор по предмет Рекреација при Факултетот за физичко образование, спорт и здравје (ФФОСЗ), Скопје, Проф. д-р Ленче Алексовска Величковска, професор по предмет Психологија на физичкото образование и спорт при ФФОСЗ, Скопје, Ацо Занев, дипломиран стручен физиотерапевт, додека спортисти мотиватори беа нашите прославени параолимпијци и носители на бројни медали од врвни спортски натпревари: Оливера Наковска Бикова и Ванчо Каранфилов. Стручните предавања ги следеа 28 млади лица со инвалидност (15-29 години), 16 родители и членови на семејства, 15 професори по физичко образование,16 студенти на ФФОСЗ, 16 лекари и 3 студенти на медицина, а гости на настанот беа претставници на носителот на проектот, Загребачкиот спортски сојуз на лица со инвалидност.

Од средсва од проектот беа набавени: 2 статички велосипеди, 2 покретни траки за пешачење, 3 пинг понг маси, комплет тегови, 1 говорно пикадо за лица со оштетен вид, комплет опрема за бадмингтон, електронска мета за стрелаштво. Овие реквизити се наменети за вежбање и спорт на младите лица со инвалидност.

30-те јубилејни Републички спортски игри на лицата со телесен инвалидитет на Македонија во месец јуни беа одржани под мото „Change Your Mindset – Sport4Everyone“. На игрите учествуваа 120 спортисти со инвалидност од: Македонија, Словенија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Бугарија и Хрватска. Во рамките на манифестацијата беше одржана едукативна работилница за младите спортисти со инвалидност, а победниците по одделни спортски дисциплини се фотографираа облечени во маиците со лого на проектот „Change Your Mindset – Sport4Everyone“.

Македонскиот параолимписки комитет е убеден дека преку спроведените активности успеа да допре до граѓаните на РМ, до  претставниците на институциите кои носат одлуки, да го променат начинот на размислување дека младите лица со инвалидност заслужуваат еднаков третман и можност да ги искажат своите афинитети и таленти, да ги надоградат и преку спортот достојно да ја презентираат Република Македонија во светот. Благодарност до претставниците на електронските и пишани медиуми кои континуирано го следеа спроведувањето на проектот и одвојуваа простор за афирмација на активностите врзани со истиот. Преку вашите објави, голем број на лица во Република Македонија се запознаа со пречките и тешкотиите со кои се соочуваат лицата со инвалидност при практикување на телесната вежба и спортот, и што се е потребно да се подобри состојбата.

Тагови
Прикажи повеќе

Поврзани теми

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *