ЗдравјеЛокално

Во болницата „Борка Талески“ се санираат последиците од паѓањето на таванот

Неквалитетно поставениот држач на носачот, што ги држи картонските гипс плочи, била причината поради што дошло до паѓање на плафонот во соба бр.2 од хируршкото одделение во прилепската општа болница „Борка Талески“.

Тоа на денешната прес конференција го истакна директорот на болницата, Драги Богојески, најавувајќи дека ќе биде направена целосна контрола на сите тавани на
кои биле поставени спуштени плафони.

„Заедно со изведувачот и со надзорот на изведувачките работи, бевме на лице место да ги утврдиме причините, поради кои дошло до рушење на плафонот, во период кога на 6-ти мај во градот имаше големо невреме. При тоа се утврди дека причината за попуштање на носачот, што ги држи картонските гипс плочи е што држачите на тој носач не биле квалитетно наместени и дошло до испаѓање на носачот од челичните држачи. После утврдувањето на оваа состојба, беше договорено комплетно да се санира настанатата штета во соба бр.2 во хируршкото одделение, а воедно и да се изврши проверка на сите останати делови каде има поставено спуштени плафони во болницата, со цел во иднина да не се повтори нешто слично“, истакна Богојески.

Трошоците за санирање на овој проблем, како што рече паѓаат на сметка на изведувачот, зашто сеуште не е изминат гарантниот период, од моментот на првична изведба на градежни активности за поставување спуштени тавани во болницата.

Директорот на прилепската болница најави дека се вршат подготовки за нови градежни активности за реновирање на лабораторијата, акушерското одделение и болничката аптека. После завршувањето на овие активности, во летниот период ќе следи реновирање на амбулантите, односно комплетно реновирање на подовите, ѕидовите и санитарните јазли. Сите овие зафати, според зборовите на Богојески, ќе бидат направени од сопствени средства на болницата.

Богојески денеска посочи и на недостигот на лекари специјалисти, што е, генерално, проблем на македонското здравство. Во моментов во општата болница „Борка Талески“ како што рече, работат 65 специјалисти, а за непречена работа на сите болнички одделенија се потребни од 85 до 90 лекари. Богојески нагласи дека во одредени одделенија, како што се ушното и гинеколошкото, проблемот е најизразен, бидејќи тие работат со еден, односно тројца специјалисти.
Според него дополнително се отежнува овој кадровски проблем, со дискрепанцата помеѓу бројот на лекари што се на специјализација, како и на оние што за скоро време поради пензионирање или од други причини, ќе заминат од болницата.

Што се однесува на финансиската состојба на болницата, директорот Богојески рече дека обврските изнесуваат околу 40 милиони денари, од нив најголемиот дел се кон Институтот за трансфузиологија и кон ЕВН. И покрај тоа тој тврди дека болницата непречено функционира, а обврските кон добавувачите на месечно ниво, редовно се исплаќаат.

Тагови
Прикажи повеќе

Поврзани теми

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Види истотака

Close