СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Економија

За 17,5% пониски платите на жените од тие на мажите во Македонија

Платите на жените во Македонија се за 17,5 отсто пониски од тие на мажите. Нивните бизниси се застапени само со 30 проценти и не е искористен потенцијалот со кој можат да ја подобрат состојбата во економијата, истакнаа учесниците на Третиот Самит за женско прерприемништво, што се одржува од денеска во Скопје.

Капацитетот на жените во бизнисот не е искористен затоа што помалку од 30 проценти се жени сопственици на бизнис, а помалку од 50 проценти жени се активни на пазарот на труд поради што мора да работиме на зголемување на нивниот капацитет како економски ресурс. Повеќето од жените се во микро и малите претпријатија, а многу малку во големите компании, што значи дека она што го работат жените е со мал обрт и со малку вработувања, рече Валентина Дисовска од Националната платформа на женското претприемништво.

Според неа, потребна е едукација, но и препознавање на добри практики и менторство, како и посветеност од институциите за подобрување на состојбите. Исто така и фонд за поддршка за претприемништво.

На бизнисот, на економијата и се потребни квалитетите на жените. Поддршката и промовирањето на женското претприемништво ќе ја подобри севкупноста на конкурентноста, истакна вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Според него, во последните години е направено многу за женското претприемништво, во кое, како што рече, има голема надеж.

Намалувањето на родовиот јаз е клучен за користење на потенцијалите на женското претприемништво во економијата, рече Битиќи истакнувајќи дека во буџетот за 2023 година е предвидена финансиска поддршка на женското претприемништво.

За 34.25 проценти е зголемен бројот на компании управувани од жени, што според министрот за економија Крешник Бектеши покажува дека мерките на Владата имаат поддршка, но тоа не е доволно и ќе следуваат нови активности и дополнителни финансии, согласно со укажувањата од претставничките на женските бизниси.

На настанот со над 100 учесници се споделуваат најдобрите практики и идеи за промоција, развој и поддршка на женското претприемништво. Дискутираат претставници од институции, организации и жени претприемачи, кои се значајни за развојот на екосистемот за женско претприемништво.

Самитот се организира како годишен настан на проектот „Национална платформа за женско претприемништво (НПЖП)“, кофинансиран од Европската Унија.

Целта е да се зголеми видливоста и профилот на Платформата и придобивките што таа ги обезбедува за засегнатите страни и женското претприемништво.

Ќе бидат доделени три награди од Министерството за економија, за најуспешна претприемачка во микро, мали и средни претпријатија а Националната платформа ќе додели награди за најдобра млада лидерка и за најдобра граѓанска организација -добра практика.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content