Државните ракометни шампиони во кадетска конкуренција, на прием кај градоначалникот Јованоски

Mладите ракометари на РК „Прилеп“ и членовите на стручниот штаб, кои станаа државни прваци во кадетска конкуренција, денеска ја посетија Општина Прилеп и остварија средба со градоначалникот Илија Јованоски.

Честитајќи им го големиот успех, градоначалникот Јованоски истакна дека оваа млада генерација на ракометари го навести враќањето на славните денови на прилепскиот ракомет. И во оваа прилика градоначалникот потврди дека и тој, исто како и Општина Прилеп, секогаш ќе го поддржуваат спортот и особено младите спортисти.

„Како што реков и порано, сакаме да го вратиме духот на спортот во Прилеп, а со сите чекори кои што ги правиме, тоа го потврдуваме. Финансиска и логистичка поддршка од Општина Прилеп секогаш ќе има, ама тие средства треба да завршат во вистински раце, во рацете на вистинските спортски работници и спортисти. Прилепчани го сакаат ракометот, ја познаваат ракометната игра и сигурен сум дека од оваа генерација ќе произлезат идни репрезентативци на Република Македонија“, изјави градоначалникот Јованоски.

Во име на ракометниот клуб и ракометарите, тренерот на кадетската екипа на РК „Прилеп“, Адријано Котевски, им се заблагодари на градоначалникот Јованоски и на сите добронамерници што во најтешките моменти беа со прилепскиот ракометен суперлигаш. Искажаната финансиска помош од страна на локалната самоуправа, беше многу важна за да се гледаат натпревари од ракометната Супер лига во Прилеп и следната сезона. Котевски потенцираше дека заслугите за освоената шампионска титула во кадетска конкуренција ги имаат исклучиво младите прилепски ракометари, а сите останати се тука за да ги насочат на правилниот пат, не само во спортот, туку и во животот.

„Кога се собра оваа екипа, си дадовме задача и си поставивме една парола: ‘Ако дадеш се’ од себе, секогаш ќе бидеш победник’. Таа не’ следеше цело време, како во спортот, така и во животот. Во овој состав екипата работи од 14-ти август 2017 година. До денеска, одржани се 274 тренинзи, одиграни 10 пријателски и 30 првенствени натпревари, бидејќи истата екипа се натпреваруваше и во младинската лига. Постигнати се околу 900, а примени 700 голови. Продолжуваме понатаму, не’ чека многу работа за да дојдеме до зацртаната цел, а таа е Прилеп да има стабилен прволигаш со домашни играчи“, истакна тренерот Котевски.

Кадетската екипа на РК „Прилеп“ ја освои шампионската титула на ракометниот “фајнал фор“, кој минатата недела се одржа во спортската сала на СОУ „Ристе Ристески-Ричко“ во Прилеп.

Емил Холидеј

Технички уредник, посветен на својата работа. Негова пасија се компјутерите и следење на новите технологии.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Pin It on Pinterest

РАДИО ХОЛИДЕЈ